Поради поплавени станбени објекти на улицата Прилепска во Кичево, евакуирани се 60 лица во спортската сала „Христо Узунов“, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Поради обилните врнежи, од ЦУК апелираат граѓаните ако имаат потреба или забележат проблеми да ги пријават на бројот 112.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека како последица на врнежите од дожд во текот на денов, зголемување има на водостојот на скоро сите водотеци низ Македонија.
„Согласно расположливите податоци од хидролошките станици низ земјава, значително е висок водостојот во горниот дел од сливот на река Вардар, во Гостиварскиот и во Плошкиот Регион. Значително е висок водостојот на река Сатеска и на река Радика, заедно со нивните притоки), а висок е и водостојот на река Треска, вклучително и на помалите реки и притоките во нејзиниот слив. Брза реакција на врнежите од дожд покажуваат и поголем број од помалите реки и суводолници, пред сè во западниот дел на Македонија“, соопшти УХМР.
На истокот од Македонија зголемен водостој се бележи на реката Струмица и во горниот дел од сливот на Брегалница.
„До крајот на денот како и за време на ноќта се очекува врнежите да продолжат да паѓаат посебно во западните делови на земјата и водостојот во посочените сливни подрачја да остане да биде висок, при што останува можност за локални излевања на помалите реки и суводолници, како и на делови од каналската мрежа за наводнување и одводнување. Исто така, има можност и за појава на одрони и свлечишта. Предупредуваме за претпазливо движење покрај реките и суводолниците во текот на вечерните часови и за време на претстојната ноќ“, апелира УХМР.
Меѓу пријавите и интервенциите до ЦУК до 21 часот, се наведува дека на патот Тетово-Бањиче има одрони покрај коловозот кои отежнуваат сообраќајот.
- С. Балин Дол: излевање на Вардар; поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови; намалено производство на ХЕЦ Маврово.
С. Мало Турчане и с. Горно Бањице: излевање на Лакавичка и Сушичка река; поплавено земјоделско земјиште; општината нема соодветна механизација.
С. Форино: паднато дрво во коритото на Вардар, ризик од поплава; екипа со моторна пила на терен.
Тетово–Бањиче (Цртаниот ѕид): свлечишта и одрони; патот расчистен со багер и обележан. - Битола и околина:
С. Лера: поплава кај мостот, можно проширување кон селото.
С. Породин: поплава на живинарска фарма.
Општина Ресен (с. Перово, с. Дремени, Долна Бела Црква): поплавени дворови и земјоделски земјишта; реките не се излеани.
С. Сирхан: одрон отстранет. - Охрид: поплавени подруми, гаражи и дворови; ЈП и локалната самоуправа интервенирале.
Охрид – Пештани (кај хотел Гранит): одрон на патот; патот прооден, расчистување на поголеми нанос се очекува во наредни 1–2 часа.
Струга (Татеши – Мислодежда, Дебар – Струга): расчистување свлечишта и одрони. - Боговиње: Поплави на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат; нема загрозени куќи.
Сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. ЦУК апелира за внимателност и следење на официјалните упатства.



