ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ПРЕПОРАЧУВА ДА СЕ ДОНЕСЕ НОВ КРИВИЧЕН ЗАКОНИК ОТКАКО ИЗМЕНИТЕ ОД СЕПТЕМВРИ 2023 ВЛИЈАЕА НЕГАТИВНО НА БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

    ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ПРЕПОРАЧУВА ДА СЕ ДОНЕСЕ НОВ КРИВИЧЕН ЗАКОНИК ОТКАКО ИЗМЕНИТЕ ОД СЕПТЕМВРИ 2023 ВЛИЈАЕА НЕГАТИВНО НА БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТАЕвроамбасадорот Михалис Рокас им го врачи извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на премиерот Христијан Мицкоски и главниот преговарач со ЕУ Орхан Муртезани. (Фото: Влада)

    Европската комисија (ЕК) препорачува да се донесе нов Кривичен законик (КЗ) во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, во годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија. Од ЕК забележуваат дека „измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво“.

    Во септември 2023 година беа направени измени на КЗ со кои се укинаа и намалија затворските казни за функционерите фатени во криминал.

    „Многу тековни случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци, како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки, веќе не постојат“, се вели во извештајот на ЕК.

    Освен нов КЗ, од ЕК препорачуваат и да се подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и да се обезбедат човечки и финансиски ресурси на Основното јавно обвинителство за организиран криминал, како и да подобри проверката на имотните листови на избраните и именуваните функционери и надзорот над финансирањето на изборната кампања.

    Во делот за корупцијата, во извештајот се вели дека земјата е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка и не постигнала напредок во превенцијата и борбата против корупцијата.

    „Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост“, се вели во извештајот.

    Во текстот е забележано дека и покрај обидите, досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните измени, кои земјата се обврза да ги започне и спроведе, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите, како што е наведено во Заклучоци на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.

    Извештајот му беше официјално врачен на премиерот Христијан Мицкоски од страна на евроамбасадорот Михалис Рокас. На заедничката прес-конференција, Мицкоски рече дека станува збор за реална слика и, како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1- темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација.

    Евроамбасадорот Михалис Рокас кажа дека е важно што нема уназадување и се надева дека во извештајот за следната година ќе има забележано напредок.

    Во Извештајот се вели и дека земјата треба да ги спроведува суштинските реформи поврзани со членството во ЕУ, да одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување, како и да го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи.

    „Постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, се наведува во извештајот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира