Досегашниот директор на М-НАВ и претседател на Управниот одбор, Фахрудин Хамиди е разрешен од функцијата. На денешната владина седница Владата го разреши и вториот директор, Љубе Стаменковски, инструкторот кој застана на страната на колегите инженери и инструктори кога си дадоа оставка на раководните функции во секторот воздухопловна техника, поради незаконскиот оглас за вработување спроведен од Хамиди.
Како што дознаваме, со смената на Фахрудин Хамиди, најавениот штрајк на контролорите на летање за утре, се става во мирување.
На местото на Фахрудин Хамиди (главен на М-НАВ), Владата го назначила Илир Мехмети. Тој е поранешен директор на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба. Тој е воздухопловен инспектор, но не го исполнува условот еден од директорите да е од редот на контролорите на летање.
На местото на директорот Стаменковски, е именуван Милан Корач, од секторот воздухопловна техника и тој исполнува услов за директор, според статутот во М-НАВ.
На местото извршен директор кај што беше Хамиди, статутот вели дека тоа мора да е контролор на летање. Извршниот директор на М-НАВ треба да има валидна дозвола за надзорен контролор на летање и најмалку 6-годишно работно искуство како надзорен контролор на летање.
Дознаваме дека никој не сакал да го замени Хамиди затоа што контролорите за летање се плашеле од одмазда на Беким Незири и како што велат „неговото насилничко однесување“.
Вечерта по упадот во Контролната кула на 4 јануари, Владата соопшти дека на седницата закажана за 9 јануари „ќе се донесе за решение на постоечката ситуација во М-НАВ и ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки и тоа целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени. Да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес“.
Владата ги разреши двајца од тројцата директори (Хасим Деари остана несменет), зашто на 4 јануари , по одржаната прес-конференција на претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, на која излегоа да му дадат поддршка сите контролори, инженери, инструктори и други вработени во знак на протест против самоволието на Хамиди, вработениот Беким Незири со најблискиот на Хамиди и уште 6 надворешни лица, упаднаа во радарската соба каде извлекле контролор на летање, кого физички го нападнале.
Контролорот бил Албанец, а казната била затоа што излегол надвор да му даде поддршка на Тасевски.
Осомничените сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Јавниот обвинител побара притвор за осомничените, но Кривичниот суд им одреди поблаги мерки.
С. К. ДЕЛЕВСКА