ФАКТ Е ДЕКА ПОСТОИ МИТО ВО ЗДРАВСТВОТО, ГИ ОХРАБРУВАМ СИТЕ ДА ПРИЈАВУВААТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ТАРАВАРИ

    ФАКТ Е ДЕКА ПОСТОИ МИТО ВО ЗДРАВСТВОТО, ГИ ОХРАБРУВАМ СИТЕ ДА ПРИЈАВУВААТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ТАРАВАРИ„Не сме ние судии и полиција. Ги охрабрувам сите кои имаат докази и информации, да пријават кај мене, во Министерството за здравство, во полиција или кај директорите на болниците“, рече министерот. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека непобитен факт е дека постои мито во здравството, но мора да има докази и ги охрабрува сите кои имаат информации да ги пријават во надлежните институции.

    Таравари денес присуствуваше на првата национална консултација за реформа на болничкиот сектор во државата, организирана во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) и прашан за коментар во врска со вчерашниот случај, кога во Клиничката болница во Битола, беше уапсен М. С. (64), долгогодишен лекар хирург во Хируршко одделение во болницата поради примање мито, речe: „Добиваме пријави и информации во Министерството за здравство, ги информираме директорите. Веќе има една акција. Ние го даваме нашиот максимум, вработувања, колективен договор, покачувања на плати, бараме и од медицинскиот персонал да бидат коректни и да ја вршат својата должност како што треба“.

    Таравари рече дека нема да го открие идентитетот на докторот, бидејќи постои презумпција на невиност. Прашан дали треба да му биде одземена лиценцата од Лекарската комора, рече дека смета дека секако дека треба, но за тоа треба да каже претседателката на Комората.

    „Имаше пријави и за Хирушките клиники во Скопје, но утврдивме дека немало ништо, дека станува збор за редовна операција. Треба да бидеме внимателни со сите пријави, не држат сите. Имињата ќе бидат објавени откако ќе се констатира нешто. Не сме ние судии и полиција. Ги охрабрувам сите кои имаат докази и информации, да пријават кај мене, во Министерството за здравство, во полиција или кај директорите на болниците со кои сум во секојдневна комуникација“, рече министерот.

    Лани во јули Министерството за здравство го објави телефонскиот број 072/899-001 на кој граѓаните ќе можат да пријават проблеми и сугестии за работата на здравствените институции и персоналот.

    „ Споделете ги вашите предлози за здравствена заштита, пријавете неправилности, препознајте одлични лекари и предложете идеи за реформи преку нашата посебна телефонска линија. Исто така, граѓаните имаат можност и за лична комуникација со министерот за време на отворениот ден, секоја среда од 13:30 до 16 часот“, вели Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира