ФАКУЛТЕТИТЕ НЕМААТ ЛИФТОВИ, ТОАЛЕТИ И РАМПИ ЗА СТУДЕНТИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ, А СТУДИРААТ САМО 48 ЛИЦА, ВЕЛИ АНАЛИЗА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    ФАКУЛТЕТИТЕ НЕМААТ ЛИФТОВИ, ТОАЛЕТИ И РАМПИ ЗА СТУДЕНТИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ, А СТУДИРААТ САМО 48 ЛИЦА, ВЕЛИ АНАЛИЗА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛСтудентите со попреченост, изразиле огромно разочарување од непристапноста и од другите компоненти на високото образование, рекоа Лазаров и Бајрамовска. (Фото: К. Попов)

    Само 48 студенти со попреченост учат на македонските факултети и само 4 лица со попреченост се вработени на 40 факултети во земјава, вели извештајот од анализата „Пристап до високо образование за лицата со попреченост во Северна Македонија“, која денеска ја презентираа Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител и Кристијан Лазарев од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“. Во прв циклус се запишани 45, во втор 2 и еден студент во трет циклус. Физичката пристапност во дворовите и во ходниците во внатрешноста кај голем дел од факултетите е задоволителна , но истото не може да се каже и за останатите делови.

    За истражувањето во мај бил испратен Прашалник до 67 факултети (од државните универзитети) , од кои 40 беа опфатени во анализата.

    „Недостигаат функционални пристапни тоалети за студенти со попреченост, функционални пристапни лифтови и пристапни рампи со соодветна ширина и агол на закосеност, непречен пристап до и во предавалните, амфитеатрите, библиотеките. Повеќе од половина од факултетите (67,5%) воопшто немаат пристапен тоалет за студенти со попреченост. Дури 55% од факултетите немаат лифт, иако факултетот е на повеќе катови. Во повеќе од 50 отсто од факултетите сите шалтери се повисоки од 80 сантиметри и без можност за користење на истите од лице во ортопедска количка, а 93 отсто од факултетите се изјасниле дека немаат поставено систем што го засилува гласот на администраторот кој му зборува на студентот- што е сериозно ограничување за студентите со делумно оштетен слух“, рече Бајрамовска-Мустафа.

    Меѓудругото, анализата покажува дека јавниот превоз во градовите во кои има факултети е целосно непристапен за дел од студентите со попреченост (особено за оние со количка и целосно оштетен вид), и е делумно пристапен за останатите студенти со попреченост. На голем дел од факултетите недостигаат соодветни и обележани паркинг места за лица со попреченост.

    Исто така, и информирањето на студентите на сите факултети е на непристапен начин. Ниеден факултет не ги објавува своите клучни соопштенија, политики и документи во Брајов формат, пристапен аудиоформат или стандардно писмо во зголемен формат. Дигиталните услуги на факултетите (електронски индекс и веб страниците на универзитетите и факултетите, во најголем дел не се тестирани, за да се утврди дали ги почитуваат меѓународните стандарди за пристапност.

    Анализата покажа дека за голем број од наставните програми на повеќе факултети недостига стручна и научна литература во пристапен формат (Брајово писмо, аудиоформат, печатен зголемен формат и дигитален пристапен формат), односно само на 10% од факултетите студентите со попреченост може да добијат литература во пристапен формат, и во ист процент факултетите обезбедуваат асистивна технологија на студентите на кои им е потребна за време на студирањето.

    „За жал, дел од факултетите не се запознаени со значењето на оваа технологија“, вели Бајрамовска.

    На најголем дел од факултетите не се обезбедуваат специфичните услуги за студентите со попреченост, како што се: асистент за фаќање белешки, толкувач на знаковен јазик, тренинг за ориентација и мобилност, обезбедување на испити во пристапен формат, овозможување на дополнителни термини за полагање на испити и сл. Имено, 90% од факултетите не обезбедуваат толкувач на знаковен јазик ниту тренинг за мобилност и ориентација, а дури во 85% од факултетите нема формално назначено лице во студентската служба кое би му асистирало на студентот во административните процедура.

    Лазаров кажа дека бројката од 48 студенти е студенти е прениска и и кога ја споредиле со бројката на другите студенти (21.048 ) е поразително ниска, 0, 21 отсто. Студентите со попреченост, вели, изразиле огромно разочарување од непристапноста и од другите компоненти на високото образование, како домувањето и немањето доволно образовни и социјални услуги. Тоа пак, би ги поддржало нив да се запишат на факултет и да бидат студенти.

    „Веќе два универзитета, Универзитетот ‘Гоце Делчев’ од Штип и Тетовскиот ме контактираа изминативе неколку месеци и побараа конкретни насоки и препораки за нивните универзитети како да да станат попристапни и подостапни за студентите со попреченост. Тоа укажува на искрена намера од нивна страна дека сакаат да направат промени. Тие се инспириани токму од овие податоци што покажуваат дека во моментов имаме многу високо непристапно високо образование“, рече Лазаров.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира