Матурантите кои сакаат да го продолжат образованието на факултетите во странство реагираат на укинувањето на државната матура и велат дека резултатите од матурата им се од исклучителна важност при уписите, односно дури 60% од вкупните поени.
„На нас, кои сакаме да студираме во странство, ни се скратува правото да го продолжиме нашето образование надвор од земјата. Ве замолуваме да се најде адекватно решение“, велат средношколците во писмо упатено до министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Министерот минатата недела кажа дека се укинува државната матура и завршниот испит за оваа учебна година.
„Учениците од основните и средните училишта не се враќаат во училишните клупи до крајот на наставната година. Тековната учебна година до крај ќе продолжи да се реализира преку организирање на далечинско учење, односно учење од дома“, рече тој и додаде дека во наредниот период со конкретна уредба која ќе биде донесена од Влада ќе се регулира уписот на факултетите.
Од Министерството за образование и наука на нашето прашање дали се подготвува решение за матурантите кои сакаат да студираат во странство, велат дела дипломите за завршено средно образование за учениците кои пријавиле да полагаат училишна матура, државна матура или завршен испит во оваа учебна 2019/2020 година ќе имаат идентична важност како и дипломите издадени во изминатите години и тоа ќе биде наведено во истите, без разлика што оваа година полагањето на крајниот испит нема да се реализира.
„Од друга страна, сите високо образовни установи како во нашата земја, така и во глобални размери, веќе ги прилагодуваат уписните критериуми и услови согласно настанатата ситуација, односно пандемијата која предизвика застој, прекинување, одложување и модифицирање на многу вообичаени практики, процеси и активности не само во областа на образованието, туку и во сите други општествени сегменти. Така што, учениците кои оваа година се пријавиле, а нема да полагаат државна матура, не треба да имаат грижа дека ќе бидат во подредена ситуација доколку одлучат да студираат во странство во однос на студентите од други земји“, ни одговорија од МОН.
Б. НЕСТОРОСКА