Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека денеска поднесе кривична пријава за 25-годишен скопјанец кој преку веб-страница два месеца продавал билети за непостоечки концерт. Секторот за компјутерски криминал при МВР до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против А. Х. за сторено кривично дело Компјутерска измама по чл.251-б од Кривичниот законик.
„А. Х. во периодот од 04.04.2025 до 13.06.2025, како одговорно лице на компанија која организира музички настани, преку веб страница за продавање билети овозможил електронско купување билети за концерт кој воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување, со што ги довел лицата во заблуда да купат билети за концертот и притоа не ги рефундирал парите“, соопшти МВР.
Од МВР велат дека Секторот за компјутерски криминал продолжува со активен мониторинг на содржините на социјалните мрежи и целокупниот интернет простор, заради превенција на повикување на насилство, загрозување на сигурноста, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, злоупотреба на лични податоци и говор на омраза со елементи од кривични дела, за кои се постапува по службена должност.