Поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ Филип Петровски ја обезбедил целата своја фамилија со бугарски пасоши, објави бугарската агенција „Фокус“ по неговото интервју за телевизијата „Алфа“, во кое што зборуваше против Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.
„Филип Петровски, по потекло од Куманово, е познат како особено близок на фамилијата Груевски, иако веќе успеал да ги снабди најблиските со бугарски пасоши. Таткото на еден од најактивните борци против бугарско-македонските односи Тихомир Петровски доби бугарски пасош во 2011 година. Мајка му Маринела Петровска го доби пасошот во 2006 година, а брат му Марко Петровски во 2015 година“, пишува бугарски „Фокус“.
Во интервјуто за „Алфа“, поранешниот директор на Државниот архив кажа дека потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија е увертира во промената на името.
Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, пак, на Фејсбук вчера напиша дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски се декларирал како чист Бугарин, а сега зборува против Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Колку лицемерие демонстрираат одредени луѓе? Антонио Милошоски фронтменот на оваа операција заборавил ли дека во првото ВМРО неговата единствена вредност беше што се декларираше за чист Бугарин. ВМРО-ДПМНЕ се претвора во комплетна идеолошка карикатура“, напиша Георгиевски.