Претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче најави дека партијата ќе поднесе резолуција до Собранието со цел да се спречи прием на мигранти во земјава. Тој рече дека ова е вториот чекор по започнатата петиција и упати ултиматум до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, или да ја изгласаат резолуцијата за да докажат дека нема договор за мигрантите, или СДСМ ќе организира масовни протести.
„Денес најавувам и нов чекор. После оваа петиција, ќе излеземе во Собранието и ќе бараме изгласување Резолуција за ова да го запреме. Тоа ќе биде вториот чекор“, рече Филипче.
Лидерот на опозицијата вели дека државата нема економски и безбедносен капацитет за ваков потег.
„Дали Македонија, земја која не може да исплати плати, да одржи базичен ред дома, може да се справи со оваков наплив на мигранти? Дали економски ова може да се издржи? Одговорите сите ние ги знаеме“, рече тој.
Филипче ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат документот, посочувајќи дека тоа е единствениот начин да се демантираат написите во светските медиуми и да се стави крај на меѓусебните обвинувања за тоа кој ја кажува вистината.
„Така ќе избегнеме ‘мислевме, рековме, кој лаже, кој не лаже’. И тоа ќе биде доволно, а не да им веруваме на празните зборови“, додаде тој.
Доколку власта одбие да ја поддржи Резолуцијата, Филипче најави радикализација на отпорот и излегување на улица.
„Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезе и не ја прифати оваа Резолуција, ќе бидеме приморани понатаму да се бориме со сите демократски средства. Еден од нив е да ги повикаме сите граѓани на еден голем народен протест. Заедно, обединети, сплотени, да го блокираме процесот на носење мигранти во Македонија“, рече претседателот на СДСМ.



