Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад Марко Бислимоски. Пријавата е поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, односно оти не била одземена лиценца за вршење енергетска дејност на фирмата „Тритерол Петрол ДООЕЛ“ Скопје.
„Пријавениот М. Б. во својство на претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што, спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци иако бил должен да отпочне постапка за одземање на лиценца за вршење на енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт-трговија на големо со еуродизел, биодизел, еуросупер, екстра лесно 1 и течен нафтен гас на правното лице ‘Тритерол Петрол ДООЕЛ‘ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско Решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година. Со тоа ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки“, велат од Финансиската полиција.
Од таму велат дека Бислимоски ги повредил прописите кои бил должен да ги спроведува и му овозможил на „Титерол Петрол ДООЕЛ“ Скопје да оствари вкупен промет во висина од 194.520.962,00 денари или 3,1 милион евра и да се стекне со противправна имотна корист во износ од 14.093.576 денари или 230.000 евра.
Од Регулаторна комисија соопштија дека претседателот Марко Бислимоски се отворени за соработка со сите институции со цел да се расчисти случајот кој го отвори Финансиската полиција.
„Во конкретниот случај за постапката за одземање на лиценца на ‘Тритерол Петрол‘ е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, со тоа што на ист начин и во исти рокови е постапено и за други компании баратели на лиценци“, велат од Регулаторна.



