Само што кажа претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев во петокот на брифинг дека завршува предметот ТНТ каде Никола Груевски и Миле Јанакиески се обвинети за одмаздничко уривање на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, обвинетите со финта денеска го прекинаа судењето.
Како што потврдија и официјално од Основниот суд Скопје 1, на денешното рочиште на кое немаше јавност, адвокатот на обвинетата Елизабета Најдовска, Димитар Дангов, одненадеж ѝ го откажал полномоштвото и на негово место дошол адвокатот Мерџан Даути, кој побарал од судот увид во целиот предмет. Увидот почнува утре и тоа ќе ја одолговлечи постапката која е сведена на самиот крај, а судот уште не знае дали тазе најмениот адвокат од албанска националност ќе бара од судот и да му биде преведен на албански целиот предмет од ова судење кое трае речиси две години, со целиот доказен материјал, со сè она што го кажале десетици сведоци, превод на сите направени вештачења и сè што е кажано во врска со ова судење.
- МИНЕРОТ НА „КОСМОС“ НА ЦАНОСКИ СВЕДОЧЕШЕ КАКОВ ПРИТИСОК ИМАЛ ОД МИЛЕ И ГРУЕВСКИ ШТО ПОБРЗО ДА ГО ДИГНЕ ОБЈЕКТОТ ВО ВОЗДУХ
- „КОСМОС“ СЕ ГРАДИ ЛЕГАЛНО, АМА ИМАМ НАРЕДБА ЗА УРИВАЊЕ ОД ГОРЕ, МУ РЕКОЛ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ГАЗИ БАБА НА ФИЈАТ ЦАНОСКИ
- ПОПОСКИ ГИ СОВЕТУВАЛ ГРУЕВСКИ И ЈАНАКИЕСКИ КАКО ДА СЕ СПРАВАТ СО АМБАСАДОРИТЕ ЗА УРИВАЊЕТО НА „КОСМОС“ НА ЦАНОСКИ
- ИМАЛО НА ЗАПАД ЕДНА ТОПКА, КО ЌЕ УДРИ, ПОЛА ЗГРАДА ПАЃА, МУ ВЕЛИ ГРУЕВСКИ НА ЈАНАКИЕСКИ ЗА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“
Во предметот ТНТ, првообвинет е избеганиот во Унгарија Никола Груевски, кој нареди да му биде уништен со експлозив објектот „Космос“ на Цаноски, затоа што во 2011 година ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.
С. К. ДЕЛЕВСКА