ФИРМИТЕ ОД ДЕНЕС МОЖЕ ДА БАРААТ ДРЖАВНА ПОМОШ ЗА ИНВЕСТИЦИИ И НОВИ ВРАБОТУВАЊА

    ФИРМИТЕ ОД ДЕНЕС МОЖЕ ДА БАРААТ ДРЖАВНА ПОМОШ ЗА ИНВЕСТИЦИИ И НОВИ ВРАБОТУВАЊАВицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кажа дека во буџетот се определени над 30 милиони евра за овој вид помош на компаниите, но ако има потреба ќе изнајдат и плус пари (Фото: Влада)

    Компаниите кои лани направиле нови инвестиции или имаат нови вработени со плата над 18.000 денари од денес ќе може да аплицираат за држава парична помош во рамки на владините мерки за развој на економијата.

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кажа дека сите компании што работат во рамки на слободните економски зони до 30 овој месец ќе може да аплицираат за поврат на средства за инвестиции и нововработени лани во Дирекцијата за слободни економски зони, а оние што се надвор од зоните до истиот датум ќе може да аплицираат во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на конкурентноста.

    „Во следните 12 дена компаниите кои лани имале инвестиции ќе може да побараат поврат на дел од средствата. Сè што треба да направат е да го симнат барањето што е објавено на веб страниците на Влада, на мојот кабинет, на Министерство за економија или на Дирекцијата за слободни економски зони. Исто така треба да имаат завршни сметки и извод од централен регистар, што секоја компанија и ги има овие документи. До 31 јули ќе се оценуваат апликациите, а веќе во текот на август и септември да се потпишат договорите, со тоа што исплатата на пари би била во септември“, рече Анѓушев.

    Тој кажа дека компаниите кои годинава имаат нови инвестиции и нововработени со плата над 18.000 денари за државна помош ќе може да аплицираат до крајот на годината, а помошта ќе им биде исплатена следната година.

    „Направивме и калкулатор за инвестициите, односно алатка преку која може да пресметаат колку помош ќе добијат за одредена инвестиција и таа да им биде патоказ каква помош да побараат. Оваа алатка е добра и за идните инвеститори кои преку неа ќе знаат колку ќе ги чини одредена инвестиција“, рече Анѓушев.

    Тој кажа дека оваа помош се однесува за првите два столба од владините мерки за помош на компаниите, а во третиот столб каде се дава директна помош на малите и средни претпријатија веќе има 200 апликации, кои побаруваат над 30 милиони евра.

    Правилниците за доделување на државна парична помош се донесени минатата недела, а Законот за финансиска поддршка на инвестициите беше донесен минатиот месец, со кој практично се изедначија домашните и странските компании во добивање парична помош од државата.

    Претставниците на стопанските комори кажаа дека се задоволни што стартува реализацијата на оваа мерка, но побараа Владата да се потруди да го исклучи човечкиот фактор при донесување одлуки кои компании ќе добијат државна помош.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира