Заменик-портпаролката на Европската комисија (ЕК) Дана Спинант на денешниот прес-брифинг на Комисијата кажа дека претседателката Урсула Фон дер Лајен вчера во македонското Собрание зборувала за „јазикот на луѓето во Република Северна Македонија, кој таа го нарекува македонски“. Спинант ова го одговори на прашањето на дописничката на МИА од Брисел, Тања Милевска, дали вчерашната изјава за почитување на македонскиот јазик од Фон дер Лајен во Собранието значи дека ЕУ го признава македонскиот јазик.
По одговорот, Милевска одново ја праша дали тоа значи дека ЕУ го признава македонскиот јазик, а Спинант рече дека нема да навлегува во толкување на изјавата на Фон дер Лајен и повторно рече „јазикот кој го зборуваат луѓето во Република Северна Македонија”.
Во вчерашното обраќање во македонското Собрание по повод францускиот предлог за преговарачката замка за почеток на пристапните преговори на македонија со ЕУ, Фон дер Лајен кажа: „Нема сомнение дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа. Затоа во ревидираниот француски предлог стои: ‘Ваш јазик, без никакви додавки!’. Вашиот национален идентитет е почитуван. Можете да сметате на мене, процесот на пристапни преговори строго ќе ги почитува европските принципи и стандарди. Но, добрососедските односи се ДНК на европската интеграција. Сепак, прашањата за историјата не се услов во преговорите“.
Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи во Владата, по ова на својот фејсбук профил објави дека станува збор за „крајно непрофесионален гаф на портпаролката на ЕК со кој предизвикува вознемиреност кај македонскиот народ и кај сите граѓани на државава“.
„Европската комисија мора веднаш да се коригира после ваквите изнесени невистини и да преземе мерки против ваквото неодговорно однесување на портпаролка која неподготвена излегла да зборува спротивно од фактите и спротивно од нејзината претпоставена“, вели Забрчанец.