Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) на седницата закажана за петок ќе расправа за привремено решение за проблемот со матичната лекарка од Виница, која повеќе месеци е без капитација, а со тоа и без плата и здравствено осигурување, бидејќи останала без медицинска сестра. Директорот на ФЗОМ Даниел Дончев вели дека работат на решение за конкретниот случај, а дека понатаму ќе бараат и системско решение.
„Фондот работи да се најде привремено решение за овој случај, и на седницата на Управниот одбор в петок една од точките ќе биде и ова предлог-решение. А потоа ќе работиме и на системско решение“, рече Дончев.
Согласно законските одредби, капитацијата за здравствени услуги што ФЗОМ ја плаќа на избраните лекари е за тимот од матичен лекар и медицинска сестра. Докторката од Виница кон крајот на годината лани остана без медицинска сестра, а во меѓувреме не може да најде друга за да го комплетира тимот.
За овој случај Здружението на приватни лекари вчера најави дека ќе организира протестен марш во Скопје, а датумот дополнително ќе го определи.
Лекарската Комора на Македонија вчера испрати барање до ФЗОМ и до Министерство за здравство ургентно да се реши проблемот со докторката од Виница, како и за понатаму да се најде системско решение, бидејќи во ваква состојба може да се најдат и други доктори. Претседателката на Лекарската комора на Македонија д-р Калина Гривчева-Старделова вчера рече дека Извршниот одбор на комората одлучил повторно да се прати вакво барање и до Министерството за здравство и до ФЗОМ, кои се запознаени со случајот.
„Знаеме дека работат на наоѓање на решение, но колешката е без капитација, а тоа значи без плата и без здравствено осигурување, што е под достоинството на докторската дејност. Сериозни сме во барањето институциите да го решат проблемот. Затворање на ординацијата не е решение во услови кога во многу региони недостигаат и доктори и медицински сестри“, рече Гривчева-Старделова.
Е. БОЧВАРОСКА