Францускиот парламент денеска го ратификуваше Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО, објави министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Од 29 членки на НАТО, протоколот не е ратификуван само уште во Шпанија, поради вонредните парламентарни избори.
Во саботата, премиерот Зоран Заев рече дека земјава ќе стане членка на НАТО до крајот на јануари, додавајќи дека разговарал со шпанскиот премиер Педро Санчес, кој му кажал дека брзо ќе формира влада по изборите на 10 ноември.
Амбасадорите на земјите членки на НАТО на 6 февруари во Брисел го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници, документот треба да биде ратификуван и во македонското Собрание, со што земјата и официјално станува 30. членка на НАТО.