Француски противпожарни експерти се вклучија во гаснењето на пожарот над селата Раовиќ и Буковиќ во Општина Сарај, кој веќе со денови одново се активира на тешко пристапен терен, иако дејствуваат и хеликоптери на АРМ.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека станува збор за специфичен пожар, чии жешки точки многу често не можат да се забележат од воздух. Тој на моменти го загрозуваше и ловиштето Јасен.
„Десетмина специјалци и француски инструктор вчера се спуштија од врвот на планината и рачно ги гасеа жешките точки, но потоа повторно почна да чади и во текот на ноќта дојде до ново разгорување. Утре на овој терен ќе дејствуваат 30 специјалци и француски експерти за гаснење на високоризични пожари и со помош на дронови и термални камери ќе се обидат да ги лоцираат сите подземни жешки точки“, кажа директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека и денеска таму ќе гаснат два хеликоптера на АРМ, но потоа пак може да се јави истиот проблем.
Активни пожари има и во општините Петровец и Неготино, но се локализирани.
Г. КОНЕВ