ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ НЕ Е ПРИФАТЛИВ, ВО ЕУ САКАМЕ ДА ВЛЕЗЕМЕ СО ПОЧИТУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД КАКО ШТО СЕ ВЛЕЗЕНИ СИТЕ 27 ЗЕМЈИ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ

    ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ НЕ Е ПРИФАТЛИВ, ВО ЕУ САКАМЕ ДА ВЛЕЗЕМЕ СО ПОЧИТУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД КАКО ШТО СЕ ВЛЕЗЕНИ СИТЕ 27 ЗЕМЈИ, КАЖА КОВАЧЕВСКИКовачевски на заедничката прес-конференција со Вучиќ и Рама по завршување на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел. (Фото: Јутјуб/принтксрин)

    Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека францускиот предлог за одблокирање на македонските интеграции е неприфатлив за нас во сегашната форма, но остава простор ако се постигне разбирање за нашите позиции, разговорите да продолжат со цел пристапните преговори со ЕУ да почнат месецов.

    „Предлогот во оваа форма е неприфатлив за мене, претседателот, владата, коалициoните партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија. Доколку во текот на Француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за истите за да се започнат преговори до краjот на јуни“, кажа Ковачевски на заедничката прес-конференција со Александар Вучиќ и Еди Рама по денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

    Ковачевски рече дека Македонија има три клучни барања за преговарачката рамка: признавање целосно на македонскиот јазик, историските прашања не може да бидат дел од преговарачката рамка и преговорите треба да почнат пред внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот, но и да добиеме гаранции дека нема да има нови услови од Бугарија и од ЕУ .

    Македонскиот премиер додаде дека сите 27 членки на ЕУ досега се приклучија со целосна почит за своите и туѓите културни, лингвистички и историски различности и ништо од тоа не било проблематизирано на европскиот пат, а тоа и ние го посакуваме.

    „Ништо помалку и ништо повеќе – почит за лингвистичкиот, културниот, етничкиот и историскиот идентитет на мојот народ“, рече Ковачевски.

    Ковачевски кажа и дека самата Бугарија не може да се координира и да обезбеди одблокирање на евроинтеграцијата на  Северна Македонија и Албанија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира