Според најновиот извештај на „Фридом хаус“ за слободата медиумите статусот на Македонија од „делумно слободна“ се намали на „неслободна“ земја поради откривањете на нелегалното владино прислушување новинари, корупцијата меѓу функционерите и сопствениците на медиуми, како и зголемувањето на заканите и на нападите врз медиумските работници.
„Македонската медиумска сцена е длабоко политички поларизирана. Автоцензурата кај новинарите е честа појава, пред сè поради притисокот од сопствениците на медиумите со одредени деловни или политички интереси. Новинарите се слабо платени и се соочуваат со закани и со малтретирање доколку се ангажираат во истражувачкото или критичко известување. Законот за отворен пристап до информации од јавен карактер се спроведува нерамномерно и селективно, а владините функционери ги одложуваат одговорите и ги избегнуваат независните или критичките медиуми“, се вели во извештајот.
„Фридом хаус“ оценува дека Македонската асоцијација на новинари (МАН) е поврзана со власта, додека ЗНМ е повеќе наклонета кон опозицијата.
Според извештајот, најголем дел од приватните медиуми се поврзани со политички или бизнис-интереси кои влијаат на нивната содржина, а државните медиуми имаат тенденција за поддршка на владините позиции.
„Јавниот радиодифузен сервис, „Македонската радио-телевизија“ (МРТ), го игнорираше скандалот со прислушувањето, а снимките што се појавија го откриваат директното владино влијание врз известувањето на радиодифузерот. Македонија има голем број на електронски и печатени медиуми за нејзиното населението, но провладините медиуми, вклучувајќи го и јавниот дифузер МРТ и неколку приватни телевизии и весници, имаат доминантна позиција на пазарот“, оценува „Фридом хаус“.
Извештајот покажува дека новинарите се соочуваат со ниски плати, недостиг од безбедност на работното место, како и со лоши услови за работа, што ги прави повеќе ранливи на притисок од сопствениците.
Индексот на слободата на медиумите е годишно истражување на невладината „Фрдиом хаус“ за независноста на медиумите, кое го оценува степенот на слободата на печатот, емитувањето и слободата на интернетот низ целиот свет.