Под фотографиите на независните пратеници, професорите Стево Пендаровски и Ферид Мухиќ, но и пратеничката од СДСМ Фросинa Ременски, која исто така е професорка, на сајтот на Собранието стои само „доктор“.
Од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери велат дека не знаат зошто биографиите на овие пратеници, кои биле доставени навреме, кои биле многу богати и тежеле најмалку страница – две, сведени се само на „доктор“ и толку.
„Истата служба е што со години ги прави беспрекорно биографиите на пратениците во сите пратенички состави“, велат соговорниците.
САКАМДАКАЖАМ.МК праша некои од овие професори што значи тоа „доктор“, тие на шега велат: Не знаеме, никого не сме лечеле досега.
Пратеничките групи на веб страната на Собранието и натаму не се комплетирани. Тие уште се ажурираат. За разлика од Ременски, Мухиќ и Пендаровски, кај независната пратеничка Ирена Стефоска, на пример, го има целиот назив на нејзината титула, односно професија. Кај Стефоска под фотографијата пишува: Доктор по историски науки, Институт за национална историја. И кај Рената Десковска – Треневска, пред да биде избрана за министер за образование, од почетокот биографијата си беше во ред и стоеше доктор на правни науки, Правен факултет во Љубљана.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, уште е само на 35 пратеници, иако освои 51, со се коалиционите партии. Никола Груевски, Емил Димитриев и Елизабета Канческа – Милевска се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои шест месеца по завршувањето на парламентарните избори, уште не испраќаат фотографии и биографии за на веб-страната на Собранието.
На веб страната на Собранието со пратеничкиот состав, стои дека податоците не се целосни, подготовката е во тек.
С. К. ДЕЛЕВСКА