ФУНКЦИОНЕРИТЕ НЕМА ДА ДОБИЈАТ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ СЛЕДНАТА ГОДИНА, НО ПОТРЕБНИ СЕ 7 ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ, ВЕЛИ БИТИЌИ

    ФУНКЦИОНЕРИТЕ НЕМА ДА ДОБИЈАТ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ СЛЕДНАТА ГОДИНА, НО ПОТРЕБНИ СЕ 7 ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ, ВЕЛИ БИТИЌИСе испостави дека не може со еден закон да се адресираат сите 1.260 функционери, вели Битиќи. (Фото: СДК.МК)

    Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека во буџетот за 2024 година нема да има средства за повисоки плати на функционерите. Но, за тоа да се случи, потребни се седум законски измени за да се опфатат 1.260 функционери, колку што има во Македонија, додаде тој.

    Од следната година функционерите ќе треба да добијат поголеми плати поради нивно усогласување со растот на просечната плата, но Битиќи вели дека Владата ќе одлучи да нема зголемување за нив.

    „Тоа што беше најавено помпезно, дека ќе има зголемување, нема да го има во новиот буџет. Беше најавено дека поради методологијата, следната година сите функционери ќе добијат повисоки плати, но тоа нема да се случи. Всушност, се испостави дека не може со еден закон да се адресираат сите 1.260 функционери и дека се потребни седум измени во законите зашто, на пример, измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон што е противуставно“, кажа Битиќи, одговорајќи на новинарски прашање по промоцијата на проектот „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени во Северна Македонија“.

    Од март годинава, функционерите добиваат зголемени плати за 78 отсто со одлука Уставниот суд во март за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со што се одмрзнаа платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани. Претходно, нивните плати се одредуваа со коефициент (во зависност од функцијата) кој се множеше со фиксна основица од 26.755 денари.

    Оттогаш, основицата е просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира