74- ГОДИШНАТА ГАТАЧКА НА ЗЛАТО ЌЕ ЈА ПУШТАТ ОД ИДРИЗОВО, ЌЕ Ѝ СЕ СУДИ ПОВТОРНО

    74- ГОДИШНАТА ГАТАЧКА НА ЗЛАТО ЌЕ ЈА ПУШТАТ ОД ИДРИЗОВО, ЌЕ Ѝ СЕ СУДИ ПОВТОРНО74-годишната баба ќе поседи во затвор, сѐ додека Основниот суд Гевгелија не испрати допис до кога, односно додека не закаже повторно судење. - Затворот во Идризово (архивска фотографија)

    Осудената 74-годишна гатачка Добринка Радуловиќ, која со полиција на 9 мај од Битола била спроведена во затворот „Идризово“, наскоро ќе ја напушти установата, зашто побарала повторување на постапката. Основниот суд Гевгелија веќе постапува по барањето за повторување на постапката. Гатачката се жали дека е осудена во отсуство.

    „Барањето за повторување на постапката го испративме веднаш и на најстарата осуденичка во женското одделение во затворот Идризово ќе ѝ се суди одново, во нејзино присуство како обвинета. Жената е прегледана од затворската лекарка и е во добро здравје и кондиција. Но, не е оваа 74-годишна жена за во затвор. Не профункционира законот за алтернативни мерки за издржување затворска казна, па затоа ваквите осуденици осудени на една година затвор, или баби и дедовци во поодминати години, кои едвај крепат, полицијата ни ги носи овде“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на КПУ „Идризово“ Живко Пејковски.

    Тој истовремено апелира до МВР вака ефикасно да ги најде осудените сторители на тешки кривични дела и убиства и да ги спроведе во Идризово да си ги отслужат казните.

    Бидејќи се такви процедурите, појаснува Пејковски, 74-годишната баба ќе поседи во затвор, сѐ додека Основниот суд Гевгелија не испрати допис до кога, односно додека не закаже повторно судење.

    Бабата е осудена на едногодишна затворска казна за измама. Таа гатала и предвидувала судбини со „гледање“ исклучиво на златен накит. Главно на златни прстени и на златни синџири. Оперирала во Кавадарци, кај што живее, но и во Битола, кај што била најдена и спроведена до Идризово.
    Кога дошла на деветти во Идризово, била многу смирена. Со шамија на главата старата жена мирно почекала да биде однесена во женското одделение, кај останатите осуденички.

    Лани во овој затвор казна одлежа уште постара жена, баба Цена. Таа имала 88 години кога дошла во затворот. Била осудена на двегодишна затворска казна за неовлатено производство на марихуана. Поради возраста и примерното поведение, добила скратување на казната.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира