ГАЗДАТА КОЧАН 11 ДЕНА ВО БЕГСТВО, ВРАБОТЕНИТЕ ПРОТЕСТИРААТ ПРЕД СЈО

    ГАЗДАТА КОЧАН 11 ДЕНА ВО БЕГСТВО, ВРАБОТЕНИТЕ ПРОТЕСТИРААТ ПРЕД СЈО

    Вработените од „Трансмет“ и други компании на Сеад Кочан денеска го блокираа Специјалното јавно обвинителство, откако минатата недела протестираа пред Апелациониот суд, кој во четвртокот побара екстрадиција и спроведување во притвор на бизнисменот, осомничен во случајот „Труст“ на СЈО. Кочан веќе 11-ти ден е во бегство, откако на 9 март Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор, а одлуката ја потврди Апелациониот суд во чија пресуда беше наведено дека на денот кога му беше одреден притвор, тој со возило ја напуштил земјава. МВР распиша меѓународна потерница по Кочан, а неговиот адвокат Никола Додевски тврди дека тој е на службен пат.

    СЈО на 25 февруари отвори истрага против правните лица „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „ВАТО“ од Студеничани за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на прес-конференција изјави дека ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра. Станува збор за јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.

    Првоосомничен е Сеад Кочан, управител на „Трансмет“, а второосомничен е Василије Авировиќ, поранешен управител на „Силекс неметали СТ“. За Авировиќ, СЈО побара, а Судот прифати мерки на претпазливост – Забрана за воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и Забрана за преземање определни работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира