ГАЗДАТА НА „ПЕЛИСТЕРКА“ ПАНДЕЛЕСКИ ДОНЕСЕН НА РАСПИТ ВО СУДОТ ЗА „ИМПЕРИЈА“

    ГАЗДАТА НА „ПЕЛИСТЕРКА“ ПАНДЕЛЕСКИ ДОНЕСЕН НА РАСПИТ ВО СУДОТ ЗА „ИМПЕРИЈА“Осомничениот Цветан Панделески со јакна врз рацете влегува во Основниот суд Скопје 1 (Фото: К. Попов)

    Газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески попладнево беше донесен во Основниот суд Скопје 1 на распит кај судија на претходна постапка како осомничен во истрагата на Специјалното јавно обвинителство под кодно име „Империја“.

    Како што претходно соопшти СЈО, петмина од 13-мината осомничени во „Империја“ се лишени од слобода и за нив од судот ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство, меѓу кои опција е и притвор. Во судот беше донесен и Ненад Јосифовиќ, исто така, осомничен во „Империја“.

    Бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков се осомничени во истрагата на Специјалното јавно обвинителство под кодно име „Империја“, заедно со Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Цветан Панделески, Владислав Стајковиќ и уште седуммина други за Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело, соопшти СЈО.

    „Денес е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело“, се вели во соопштението на СЈО.

    СЈО појаснува дека дел од предистрагите ги презема од ОЈО за организиран криминал сосе посебните истражни мерки како доказ кои биле спроведувани врз некои од осомничените. На овие преземени случаи СЈО има мандат во рок од 18 месеци да поднесе обвинение, што не е случај со новите истраги кои ги води иницирани во СЈО и кои не се преземени од редовното обвинителство. Преземањето во случајов е врз база на прислушувани разговори за кои СЈО има предност да ги преземе од редовното обвинителство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира