ГЕРМАНИЈА ДОНИРАШЕ ВОЗИЛА И ОПРЕМА ОД 675 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ПОЛИЦИЈАТА

    ГЕРМАНИЈА ДОНИРАШЕ ВОЗИЛА И ОПРЕМА ОД 675 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ПОЛИЦИЈАТАГерманската амбасадорка Анке Холштајн рече дека соработката меѓу македонските и германските служби се одвива одлично, колегијално и со доверба. (Фото: СДК.МК)

    Германската амбасада во Скопје донираше возила и опрема во вредност од 675 илјади евра за потребите на Одделот за гранични работи и миграција при Бирото за јавна безбедност на МВР.

    На примопредавањето на донацијата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека реформите во македонската полиција во голема мерка се должат на партнерството и помошта што МВР во континуитет ја добива од своите меѓународни пријатели и партнери.

    „Посебно по својот обем и квалитет би сакал да ја потенцирам поддршката од Сојузното министерство за внатрешни работи и татковина на Сојузна Република Германија”, рече Спасовски.

    Донацијата се состои од: 17 возила од кои 10 теренски, 3 комби возила и 4 специјални возила за транспорт на криумчари на мигранти, термални камери со краток и долг домет, дневни и ноќни двогледи за зголемена ефикасност и безбедност во постапувањето на припадниците на Граничната полиција, уреди за присилно запирање на возила – СТИНГЕР и тактички елечиња, како и лаптопи и проектори.

    Германската амбасадорка Анке Холштајн рече дека соработката меѓу македонските и германските служби се одвива одлично, колегијално и со доверба.

    „Опремата, со која и оваа година сакаме да ја поддржиме и олесниме Вашата важна работа, до сега беше постојано одговорно и професионално користена. Дополнително ќе доставиме опрема за присилно запирање на возила која моментално е уште во царина – со тоа би била покриена целата потреба од ваква опрема за присилно запирање на возила за граничната полиција во следните години. Благодарение на крајно професионалните обуки, така ми беше кажано, таа беше успешно користена, на пример, минатиот јануари, за време на акција за борба против прекуграничниот криминал”, кажа Холштајн.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира