Болница од Германија во 2021 и 2022 поднела 12 тужби за плаќање за лекување против македонскиот Фонд за здравствено осигурување (ФЗО), а за дел од од тужбените барања, донесени се и пресуди од германски суд со кои Фондот е задолжен за плаќање на трошоците за лекување, покажа извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на Фондот.
Ревизорите велат дека во случај на доставени фактури од странските болници со повисок износ од дадениот аванс, во деловните книги на Фондот истите се евидентираат само до нивото на дадениот аванс, без да биде земена предвид реалната фактурирана вредност на дадените услуги. Како причина за ваквото постапување, од страна на одговорните лица од Фондот се наведува тоа што од страна на осигуреното лице не е доставено барање и не е спроведена постапка за признавање на дополнителни трошоци, како што е предвидено со членот 19 од Правилникот за лекување во странство.
„Ваквото постапување резултирало во текот на 2021 и 2022 Фондот да се соочи со 12 тужбени барања од германска болница за плаќање на трошоците за лекување направени во период од 2017 до 2019 над износот на дадените аванси во вкупен износи од над 430 илјади евра (26 милиони 720 илјади денари), а за кои во деловните книги на Фондот не е евидентиран долг.
Од 2017 до 2020 директор на Фондот беше Ден Дончев, па директори беа Стево Крстевски и Фатон Ахмети. Од 2022 директорка е Магдалена Грашкоска-Филиповска, а актуелен организациски директор е Асаф Абдурамани.
„Во текот на 2022, во Фондот се преземени активности за утврдување на фактичката состојба по што во сметководствената евиденција е извршено прекнижување на дадени аванси и примени фактури по осигурено лице од повеќе странски болници. При тоа е утврдено дека истата германска болница која поднела тужбени барања, должи на Фондот 116 илјади евра или 7.171 илјади денари за повеќе платени аванси од претходни години во однос на добиените конечни фактури или поради недобиени фактури, за кои во меѓувреме не е извршен поврат од страна на Болницата. Заради одговор на пристигнатите тужби од странската болница, побаран е и добиен наод и мислење од извршено вештачење и правно мислење од адвокатска канцеларија, започната е комуникација со болницата заради утврдување на причините за тужбите и доставени се повеќе информации до Владата, а во одговорот Фондот приговара на надлежноста на странскиот суд, со оглед на тоа што Фондот како тужен не е со седиште на земја членка на Европската Унија“, стои во извештајот.
Државниот завод за ревизија потенцира дека иако ревизијата повеќе години известува за овие состојби и можните ризици од невоспоставената контрола и следење на процесот на лекување во странство и нецелосната евиденција на побарувањата за дадени аванси, од Фондот не е постапено по препораките што резултирало со тужбени барања и пресуди од германски суд, особено што нема склучени договори со странските болици и нема правна заштита, односно уредување за постапување во вакви случаи.
„Ваквата состојба резултирала со тужбени барања од болница од Германија, за кои постои неизвесност за крајниот исход“, стои во извештајот.
Б. НЕСТОРОСКА