Обвинителството ги следи актуелните случувања поврзани со „Алта банка“, организацијата на прославите за Денот на независноста и други теми од јавен интерес, но за да се заземе обвинителски став неопходни се конкретни факти и докази, вели новоизбраната раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), Искра Хаџи Василева, која денеска даде заклетва пред членовите на Советот на обвинители.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има став за овие случаи и дали треба да се испитуваат одредени наводи, таа рече дека не е соодветно да се изнесува став без конкретен материјал. Според неа, обвинителски став се гради само врз основа на конкретен материјал и факти, независно од тоа што се зборува во јавноста, што кружи во медиумите или што произлегува од новинарски написи.
Хаџи Василева додаде дека ситуацијата би била поинаква доколку се појават посериозни индиции или основи за сомневање, при што евентуалното постапување ќе зависи од сознанијата и доказите со кои ќе располага Обвинителството.
Прашана дали ќе побара соработка со српското обвинителство за организиран криминал, имајќи ги предвид истрагата во Србија и информациите за сопственикот на „Алта банка“, таа рече дека меѓународната соработка е редовен дел од нивната работа и законска обврска..



