Заврши расправата во Уставниот суд за оспорените членови на Изборниот законик (ИЗ) со кои се штитат од конкуренција големите партии, на штета на независните граѓански организации и групи избирачи. Но, засега не се поведува постапка против овие одредби кои ги поткопуваат темелните вредности на нашиот Устав, затоа што резултатот во гласањето беше – нерешено.
Поради службено отсуство во Хрватска на деветтиот член на Уставниот суд, судијката Ана Павловска-Данева, гласањето било 4 спрема 4, што ќе значи дека не е одлучено дали да се поведе постапка за преиспитување на уставноста на членовите 17 и 18 од ИЗ, или не.
Ова значи дека бидејќи расправата по ова прашање е завршена, ќе се гласа одново, кога Судот ќе биде комплетен. Се планира тоа да е на следната седница. А дали ќе се стаса да се коригира Законикот пред локалните избори, не е познато.
Судија-известител за овој предмет е професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска. Нејзиниот исцрпен и детален реферат денеска беше во насока да се поведе постапка за оцена на уставноста на дискриминирачките одредби.
Исто како подносителите на иницијативата, и таа смета дека со измените од Изборниот законик преку зголемување на бројот на потписите потребни за кандидирање на независните кандидати, тие се елиминираат од изборниот процес и им се оневозможува да го остварат правото на кандидирање како елемент на пасивното избирачко право, при што не само на нив, туку и на граѓаните им се ограничува избирачкото право и правото на политичко дејствување, бидејќи нивниот избор се сведува само на партиските кандидати и на политичко дејствување во рамки на политичките партии.
Најголема разлика се прави за скопските општини и за Град Скопје каде со новите измени независните ќе треба да соберат 4.6 пати повеќе потписи за советници и градоначалник. Ако за Град Скопје порано требаа 1.000 потписи за независен кандидат за градоначалник, сега за да поднесе кандидатура ќе му требаат 4.664. За политичка партија потребно е да се соберат само 1.000 потписи.
Оспорен е процентот во членовите 17 и 18 од Изборниот законик. Со тие членови се наметна обврска на група избирачи да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието.
Попрецизно, со членот 17 е изменет членот 61 став 1 од Изборниот законик, па така ако претходно беа доволни 1.000 потписи за кандидатура, сега со оспорените измени, подносителите на листа за кандидати за пратеници од групата избирачи, добија обврска да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица. Со членот 18, пак, изменет е член 62 став 1 од Изборниот законик, па сега групата избирачи треба да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината или Градот Скопје. Претходно во една општина која има до 10.000 жители, требаше да се соберат најмалку 100 потписи, во општина од 10.000-30.000 жители беа потребни најмалку 150 потписи од запишаните избирачи, или најмногу 1.000 потписи беа потребни во Градот Скопје, за кандидатура на група избирачи.
Во предлог-рефератот судијата известител изрази сомнеж за новите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото. Исто така постои сомнеж дека е нарушен политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок уреден со членот 8 став 1 алинеја 5 од Уставот.
Подносители на иницијативата се: Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева.
С. К. ДЕЛЕВСКА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:
СЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ