Премиерот Димитар Ковачевски рече дека Македонија гласала воздржано за резолуцијата за примирје во Газа во Генералното собрание на ОН затоа што во неа не бил споменат терористичкиот напад на Хамас од 7 октомври, како и правото на Израел да се брани. Ковачевски ова го кажа во одговор на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Скопје.
„Северна Македонија го поддржува хуманитарниот аспект на јорданската резолуција, почитувањето на меѓународното хуманитарно право и неопходноста од заштита на цивилите и нивниот пристап до основните животни потреби – струја, вода и лекови. Од друга страна, голема слабост на резолуцијата беше неспомнувањето на терористичкиот напад на Хамас од 7 октомври кој што ние веднаш го осудивме, како и правото на Израел да се брани, затоа и гласавме за канадскиот амандман на резолуцијата. Одлуката за гласање не беше лесна, одлучивме да гласаме воздржано затоа што резолуцијата од една страна ги адресира хуманитарните прашања со што се согласуваме и ги поддржуваме, но отсуството на спомнувањето на она што Хамас го направи на 7 октомври не остава поинаков пристап во однос на гласањето“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека канадскиот амандман не бил прифатен пред финалното гласање за резолуцијата и затоа многу држави постапиле така како што постапила македонската држава.
Генералното собрание на ОН на 27 октомври усвои необврзувачка резолуција со која се бара „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје“ во Газа. Документот предложен од Јордан беше ставен на гласање на вонредна седница на која се разговараше за речиси тринеделната војна меѓу Израел и владејачката милитантна група Хамас во Газа, која започна по големиот напад врз израелските цивили од милитантите на Хамас на 7 октомври. За усвојување на резолуцијата беше потребно двотретинско мнозинство во 193-члената светска организација. На крајот, 120 земји гласаа за, 14 против, а 45 беа воздржани.
Канада се обиде да додаде амандман на резолуцијата со која се осудуваат „терористичките напади од Хамас“ и се повикува на итно и безусловно ослободување на заложниците што ги држи Хамас. Но, овој амандман не ги доби потребните гласови.