Професорката Гордана Силјановска е претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори. За неа, на партиската конвенција во Струга гласаа 408 од вкупно регистрираните 519 делегати.
„Ви благодарам, изненадена сум. Македонија е во женски род, можеби доаѓа време на жените. Ако некој добил поддршка од силна партија, мора да се држи до она што е најважно, а тоа е правна држава и само така може во ЕУ. Тие се на ред да ѝ пружат рака на Република Македонија оти секогаш сме биле дел од Европа. Претседателот е овластен предлагач на амандмани и затоа како претседател ќе формирам тело експертско меѓународно тело, како да направиме европска држава по европски стандарди. Ќе речат сум била во редот на средни националисти. Не, не сум националист, родена сум во турска куќа, а побратим од 10 години ми е Албанец. Власта треба да е од народот и за народот“, изјави Силјановска откако беше избрана за претседателски кандидат.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 21 април, а евентуалниот втор круг на 5 мај.
Попладнето во обраќањето до делегатите пред гласањето, Силјановска кажа дека доколку биде избрана за претседател на државата ќе формира тим од експерти по меѓународно-јавно право за да се отвори прашањето за името кое според неа се уште не е затворено. Силјановска рече дека ќе иницира намалување на привилегиите на претседателот откако ќе му заврши мандатот и намалување на бројот на министерства.
„Со ВМРО-ДПМНЕ неколку пати ни се споија патиштата и размислувањата како за Договорот од Преспа, Законот за јазици.Затоа решив како независен кандидат са барам поддршка од оваа партија” рече Силјановска.
Влатко Ѓорчев освои 80 гласови од делегатите и иако поразен најави дека ќе ја поддржи Силјановска и стои на располагање да ѝ помага во кампањата.
А. АНТЕВСКА