Протест за неприфаќање на името Република Северна Македонија како компромис за идентитетот Македонци и јазикот македонски во договорот со Грција, искажаа вечерва околу 1.500 граѓани пред Собранието. Освен поддржувачи и членови на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, немаше присутни членови од новото и старото раководство на партијата. Впрочем, и во повикот за протест, организиран од група граѓани Млади за Македонија, нагласено беше дека не се пожелни партиски знамиња и слични ознаки. На протестот се фрлаат петарди, факели и димни бомби.
„Ѓорге Иванов, гордоста наша, ги скрши вашите планови како стаклена чаша”, му посвети еден од говорниците поезија на претседателот Ѓорге Иванов, кој кажа дека нема да го потпише договорот со Грција, што го ратификуваше Парламентот.
„Со чест на исклучоци, медиумите, домашни и странски пренесоа лажна слика за тоа што се случи. Нанесоа непоправлива штета на националните интереси, за што ќе реагираме до домашните и странски регулаторни тела”, ги обвинија медиумите за непрофесионалност организаторите од Млади за Македонија.
Беше пуштено и видео со порака „Чувајте ја Македонија” од внуката на Гоце Делчев Катерина Трајкова Нурџиева. На протестот, со запалени факели и огромно знаме дојдоа и членовите на навивачката група Комити. Присутни се и дел од обвиниетите на случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за насилствата во Општина Центар.
С. К. ДЕЛЕВСКА