Лицата со ретки болести од Гостивар се вклучија во светската кампања за подигање на свеста, која годинава се одвива мотото ’Покажи ја својата реткост, покажи дека се грижиш‘. Тие на своите лица ги ставија боите на ретки болести, а кон акцијата се приклучија голем број основци, средношколци и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.
„Јас и Ива сме со ретки болести, а останатите деца слушнаа за акцијата и се приклучија. Заедно со фотографот Небојша Петревски одлучивме да направиме ваква акција и во Гостивар и да ги повикаме нашите сограѓани да се приклучат на светската кампања“, вели Јосиф Мишевски, кој боледува од ретка болест на кожата ихтиоза.
Акцијата ќе трае до крајот на неделата, а сите гостиварци кои ќе сакаат да се вклучат во кампањата ќе можат тоа да го направат во фото студиото Прокам, каде ќе можат да ги обојат лицата со боите на ретки болести и да добијат бесплатна фотографија, која потоа треба да ја објават на социјалните мрежи.
„За прв пат да се организира ваков настан во нашиот град, и тој е во пресрет на Светскиот ден за ретки болести – 28 февруари. Особено ме радува што поддршка добивме и од градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари. Дел од нашите сограѓани вчера беа дел од оваа кампања. Искрено се надеваме дека до крајот на неделата ќе се приклучат и други наши сограѓани и со тоа ќе дада поддршка на лицата со ретки болести“, вели Мишевски.
Е.БОЧВАРОСКА