Инспекцијата на Град Скопје ќе ги интензивира инспекциските контроли на компаниите и погоните што според Законот за животна средина треба да имаат Б интегрирана еколошка дозвола за работа, а инспекциите на скопските општини поинтензивно ќе ги контролираат помалите капацитети, кои треба да имаат елеборати за заштита на животната средина.
Ова денес е договорено на средбата меѓу скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалниците од 17 општини во скопскиот регион, на која се расправаше за мерките за намалување на аерозагадувањето.
„Продолжуваме и со прскање на градските улици со калциум магнезиум ацетат, а за наредната година обезбедивме двојно повеќе пари за субвенции за печки на пелети. Воведувањето пар-непар за автомобилите, како мерка за намалување на загадувањето не е во надлежност на Градот, туку ваква одлука треба да донесат Министерството за внатрешни работи и Министерството за животна средина“, рече Трајановски.
Тој рече дека разговарале и за можноста да се прошири мрежата на парно греење, односно за можноста сите домаќинства да се вклучат на неа, како и сите станови од станбените згради.
„Апелираме до БЕГ и до Елем Енергетика да размислат да ја намалат цената на парно греење, и за ова со нив ќе разговараме на официјална средба. Со останатите градоначалници разговаравме за можноста и тие да се вклучат во субвенциите за набавка на печки на пелети, и да се направи правилник за користење цврсти горива, со кој во догледно време ќе се забрани употреба на нафта, јаглен и други недозволени материјали за греење“, рече Трајановски.
Градоначалниците од скопскиот регион разговарале и за можноста и општините да се вклучат во субвенциии за набавка на велосипеди, како и другите опѓтини да се вклучат во изградба на велосипедски патеки.
„Со формирање на новата Влада очекуваме итно да се објави тендер за гасификација на Скопје“, реќе Трајановски.
Според анализата на загадувачите во Скопје што ја направија градските власти, во загадувањето на воздухот со ПМ10 честички со 32 отсто учествуваат домаќинствата со начинот на греење, потоа 20 отсто сообраќајот, 19 отсто е прашина од градежни активности, 18 отсто е од индустријата, 7 отсто од сулфатни соли, два отсто е од нитратни соли и два отсто од прекуграничен пренос на загадувачки супстанци.