ГРАДИНКА ОД БУТЕЛ ДИСКРИМИНИРАЛА 5-ГОДИШНО ДЕТЕ СО АУТИЗАМ, АКО НЕ ГО ЗАПИШЕ ВЕДНАШ, ЌЕ БИДЕ ДАДЕНА НА СУД

ГРАДИНКА ОД БУТЕЛ ДИСКРИМИНИРАЛА 5-ГОДИШНО ДЕТЕ СО АУТИЗАМ, АКО НЕ ГО ЗАПИШЕ ВЕДНАШ, ЌЕ БИДЕ ДАДЕНА НА СУДКомитетот за правата на детето има изјавено дека правото на недискриминација е клучно право за децата со попреченост. (Фото: Сара Гиец)

Градинката „11 Октомври“ од скопската Општина Бутел одбила да запише 5-годишно дете со попреченост, и покрај тоа што Здравствен дом Скопје – Служба за функционална проценка на деца и млади, дал наод и мислење тоа да добие поддршка во психо-физичкиот развој токму во оваа градинка.

Всушност градинката ништо не одговорила на барањето на родителот поднесено уште во август лани, по што тој поднел претставка пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во претставката таткото навел дека детето било запишано во градинка во Шуто Оризари, но таму не било прифатено и интегрирано. Оттаму, побарале упис во „11 Октомври“, согласно и препораката на ЈЗУ Здравствен дом Скопје“. Но, одговор не добиле.

Кога отишол таткото по информација лично, во „11 Октомври“ го излажале дека немаат добиено такво барање, за подоцна да ѝ пратат одговор (одбрана) на Комисијата дека имале голем број деца, немале персонал, забрането било запишување деца од други општини итн.

КСЗД потсетува на Конвенцијата за правата на детето, која е дел од правниот систем на нашата држава, а во која се наведува дека „децата со пречки во развојот се соочуваат со сериозни тешкотии и пречки во целосното уживање на правата загарантирани со Конвенцијата. Тешкотијата не е самата развојна попреченост на детето, туку комбинација на социјални, културни и физички пречки со кои се соочуваат децата со пречки во развојот во секојдневниот живот“ .

Комитетот за правата на детето има изјавено дека правото на недискриминација е клучно право за децата со попреченост.

КСЗД во предметот го цитира и членот 24 од Конвенцијата кој вели дека државите потписнички (како што е Македонија), го признаваат правото на образование на лицата со попреченост, овозможувајќи им право на инклузивност, без каква било дискриминација.

„Инклузивен систем на образование и доживотно учење, имаат за цел целосен развој на човечкиот потенцијал и чувство за достоинство и самопочит, како и да се развие личноста, талентите и креативноста на лицата со попреченост, нивните ментални и физички способности до целосен обем на нивниот потенцијал, со цел на овие лица да им се обезбеди ефективно да учествуваат во слободно општество“, цитира Комисијата за дискриминација зошто ја донела одлуката против градинката, но и да потсети што треба да има на ум секој вработен и директор во воспитно-образовните установи, како и секој градоначалник.

Комисијата на 15 јули (пред 5 дена) донела мислење дека: „Се утврдува дискриминација врз основа на ментална и физичка попреченост и здравствена состојба, сторена од страна на ЈОУДГ „11 Октомври“-Бутел, кон малолетниот син на подносителот на претставката од Скопје“.

Истиот ден донела препорака во рок од 30 дена да го запише детето, да ги почитува препораките за него од Здравствениот дом Скопје и да му ја пружи потребната поддршка на детето во согласност со неговата возраст и потребите. Во иднина не смее да ги крши законските прописи за забрана на дискриминација.

Ако градинката не постапи како што се препораките, Комисијата ќе ја пријави пред надлежен суд.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира