ГРАДОТ ГИ СОТРЕ ЈАБОЛКАТА ВО ПРЕСПА

    ГРАДОТ ГИ СОТРЕ ЈАБОЛКАТА ВО ПРЕСПАОва е катастрофа за Преспанскиот крај каде дури 70 проценти од домаќинствата се заминава со овоштарство (Фото: СДК.МК)

    Пустош во овоштарниците остави градот со големина на орев, кој вчера попладнето падна во Преспа. Според проценките на земјоделците, пролетните мразеви во април уништија 90 проценти од овошните насади, а градот сега го сотре родот кај останатите 10 проценти од јаболката.  Овошките се исчукани и ќе скапат.

    Ова е катастрофа за Преспанскиот крај каде дури 70 проценти од домаќинствата се заминава со овоштарство.

    „Работам бавчи со аргати, правам трошок, мразот ги фати, а сега и градот ги досотре. И лани град ги фати, неколку години со ред нема печалба. Ако поминат комисии ќе пријавиме штети. За мразот пролетва што дека пријавивме, да видиме дали ќе добиеме пари. За ланските штети уште ништо немаат дадено, а сега од оваа година за в година велат“, вели Менка Андоновска, повратничка од Данска која веќе 10 години одгледува јаболка во село Дрмени.

    Најпогодени се овоштарниците во селата Болно, Евла, Царев Двор, Дрмени и други каде невремето проследено со град траело околу 45 минути.

    „Од мразот и градот сега има места каде што нема воопшто јаболка. Оштетени сме многу. И климата е изменета. Минатата година падна град на 23 јули, а годинава на 20 јули. Ги немаме  градобијните станици кои беа порано и го разблажуваа градот“, вели Крсте Таневски од Дрмени.

    Овоштарите се жалат дека и кога нема штети, сепак немаат голема заработувачка. Дополнителен проблем им задаваат откупувачите кои доцнат со исплатата на откупениот род по неколку години.

    „Но, и кога има род не е ништо подобро. Пред две години ми ги зедоа јаболката со два шлепера, денар не ми дадоа. Ни рекоа ќе ви ги платиме на трансакциска сметка, ни денар не добивме.  Бадијала работата“, велат овоштарите од Дрмени.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА 

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира