ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ИМ КАЖУВААТ НА ЛЕКАРИТЕ ДАЛИ ИМ ТРЕБА МАГНЕТНО СНИМАЊЕ ИЛИ НЕ, АПЕЛИРА МЕЏИТИ

    ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ИМ КАЖУВААТ НА ЛЕКАРИТЕ ДАЛИ ИМ ТРЕБА МАГНЕТНО СНИМАЊЕ ИЛИ НЕ, АПЕЛИРА МЕЏИТИМеџити и директорката на Институтот за радиологија Гордана Антулеска-Белческа на денешната промоција на нов дигитален рентген апарат за снимање деца во оваа установа. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Фатмир Меџити и директорката на Институтот за радиологија Гордана Антулеска-Белческа апелираа да не се злоупотребуваат термините за снимање во оваа установа, на денешната промоција на нов дигитален рентген апарат за снимање деца во оваа установа, вреден 373.626 евра (23 милиони денари).

    На новинарско прашање зошто пациенти реагираат дека се чека долго за термин и читање резултати, Антулеска- Белческа рече дека со оглед на капацитетите со кои располагаат во моментот, тие го даваат својот максимум.

    „Имаме три апарати за магнетна дијагностика, таа е многу интересна и премногу барана, дури и злоупотребена како метода. Мислам дека е тука основниот проблем. Треба да се прави правилна тријажа на пациентите, значи да се утврди кој пациент е итен за магнетна, нему да му дадеме предност. Заради тоа, апелирам и кон своите колеги да направиме правилна тријажа, со цел да им дадеме предност на оние на кои навистина магнетната резонанца им е неопходна. Во тој случај, ние би биле и далеку поефикасни“, рече директорката.

    Министерот Меџити се согласи дека има проблеми во термините на радиологија. Тој кажа оти се случувало на дежурство или во амбуланта да дојде пациент со петмесечна главоболка и самиот да кажува дали треба да се направи магнет или не.

    „Заедно со директорите на радиологија, ќе ги заостриме критериумите, работиме во оваа насока како и во сите други насоки. Работиме на таа централизација на радиологија што ја најавивме, но навистина ни треба време за овие работи. Повторно апелирам до граѓаните да не кажуваат на докторите – навистина и тие да сочувствуваат со нас, да знаат точно дека сепак, докторите одлучуваат кој има потреба, а кој не“, додаде министерот.

    Инситутот за радиологија доби нов дигитален рентген РТГ апарат за динамички флуороскопски и радиографски снимања на деца. Инсталирана и завршена е техничката обука за користење на апаратот.

    Меџити кажа дека ваков сличен апарат имало и претходно на кој во просек се работеа околу 3.000 прегледи за популацијата од 0-14 години.

    „Установата, исто така доби и мамомат со томографија и стереотаксична биопсија, како и ехо апарат со еластографија кои се важни за рана дијагностика на рак на дојка“, додае Меџити.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира