Граѓаните пријавуваат во Министерството за здравство дека здравствени работници им бараат мито за пружање здравствени услуги, ние тоа ќе го испитаме и ќе дојдеме до одговори, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу.
„За да бидеме сигурни дека овие податоци се точни, кај нас е креирана канцеларија која се занимава само со овој дел од информациите. Нормално, со тие институции кои се спомнати ќе имаме состанок со надлежните, и ќе дојдеме до одговор или одбивање на тоа што го имаме како информација“, рече Алиу.
Алиу, кој е еден месец на оваа функција, на прес-конференција во Владата, говореше за активностите на Министерството за една година влада, и меѓудугото кажа дека преку алатката на официјалната страница за пријавување на неправилности, граѓаните пријавувале голем број неправилности за непрофесионално однесување.
„Министерството за здравство креира политика за здравство, и треба да ги следи сите процеси во здравството. Тука завршува нашата одговорност кон процесот наречен здравствен систем. Ако се докажува дека има елементи за понатамошно процесирање, има институции каде ние ќе ги пријавиме, до тука завршува нашата надлежност. Мислам дека во оваа фаза е многу рано да се именуваат клиники или сервиси, бидејќи е прва фаза, и ние не сме сигурни дека тие информации се точни. Ќе ве замолам да почекате недела-две, да оставиме нашите колеги да соберат информации“, кажа Алиу.
Меѓу неправилностите кои ги наведе, а за кои реагираат граѓаните, се недоволно пружани здравствени услуги, непрофеисонално однесување, игнорирање, доцнење во пружање на здравствени услуги.
Б. НЕСТОРОСКА