Граѓанскиот суд Скопје му го одби барањето на новинарот Горан Трпеноски за повторување на постапката против тужената Република Северна Македонија, зашто на 27 април 2017 година не ја заштити неговата безбедност како новинар на САКАМДАКАЖАМ.МК за време на организираниот напад на Собранието, и го повреди неговото право на известување.
Трпеноски побарал повторување на постапката, која тој ја изгуби лани со правосилна пресуда. Друг судија од Граѓанскиот суд Скопје, а потоа и Апелациониот суд Скопје, пресудија дека Трпеноски не бил новинар „согласно постоечките материјално-правни прописи“, а не бил ни повреден.
На 16 април годинава, Трпеноски поднел барање до Граѓанскиот суд Скопје за повторување на постапката против државата зашто само еден месец претходно, на 27 март, Уставниот суд донесе одлука со која утврдил повреда на слободата на мислата и на јавното изразување на мислата.
Тужителот Трпеноски оваа одлука на Уставниот суд ја поднел како нов доказ во негова корист, уверен дека Граѓанскиот суд ќе го земе предвид со оглед дека е донесена од првиот заштитник на човековите права и слободи.
Но, Граѓанскиот суд, поточно судијката Јованка Спировска-Панева, му го одбила барањето за повторување на постапката, затоа што утврдила дека одлуката на Уставниот суд не е нов доказ.
Таа во пресудата цитирала закон дека за нови докази се сметаат доказите кои траеле за време на граѓанската постапка, а странките во тој момент не знаеле за нив. Оттаму, објаснува дека постапката на Трпеноски против државата завршила скоро 2 години пред да биде донесена одлуката Уставниот суд, па оттаму не може да ја смета за нов доказ.
На ова одбивателно решение Трпеноски има право на жалба до Апелациониот суд, па ако одлучи истоветно како Граѓанскиот суд, се отвора патот тој да поднесе тужба до Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур, бидејќи сите домашни правни средства се исцрпени.
Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) смета дека овој пристап на судијката Јованка Спировска-Панева ја загрозува медиумската слобода и правата на новинарите кои известуваат преку онлајн платформи, и отвора врата за понатамошни ограничувања на нивната работа.
„Оваа судска пракса поставува двојни стандарди за правата на новинарите, особено имајќи предвид дека пред десетина дена колешката Душица Мрѓа доби делумна правда од истиот суд. Со оваа пресуда, Мрѓа доби надомест на штета по два основи – претрпен страв и повреда на правото на слобода на изразување. Дополнително, освен двојните стандарди, оваа пресуда не само што го доведува во прашање правото на новинарите да бараат правна заштита, туку создава потенцијално опасна практика која стимулира цензура и заплашување на медиумите. Судската постапка на Трпеновски се однесуваше на барањето за надомест на штета по настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Северна Македонија, при што новинарот Трпеновски, тогашен известувач за онлајн медиумот САКАМДАКАЖА.МК, професионално ги покриваше настаните. За потсетување, голем број новинари и сниматели беа спречени да ја вршат својата работа на овој настан, при што дел од нив се соочија со закани и физички напади. Повеќе од седум години по овој инцидент, дел од новинарите сè уште се принудени сами да ја бараат правдата пред судските институции, бидејќи државата не успеа да ги заштити. Потсетуваме дека Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), поради пресудите на судијата Јованка Спировска Панева, на 17-ти ноември 2023 година организираа новинарски протест со слоганот ‘Правото на граѓаните пред интересот на моќниците’“, соопшти ЗНМ.
С. К. ДЕЛЕВСКА