ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЌЕ ДОБИЈАТ 800.000 ЕВРА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЗА СЕРВИСИТЕ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД ХИВ

    ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЌЕ ДОБИЈАТ 800.000 ЕВРА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЗА СЕРВИСИТЕ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД ХИВОд здруженијата на граѓани кои работат со ранливите групи, велат дека одржувањето на сервисите, но и нивното зголемување е битно за одржување ниска преваленца на заразени со ХИВ вирусот. (Фото: Фејсбук)

    За превентивните програми за заштита на населението од ХИВ Министерството за здравство годинава одвои 46,5 милиони денари или над 756.000 евра за поддршка на здруженијата на граѓани кои пружаат теренска помош и услуги на ранливите категории граѓани.

    „Буџетот за поддршка на сервисите што ги обезбедуваат граѓанските здруженија остана иста како лани и задоволни сме, иако со тие средства само се одржуваат сервисите што беа воспоставени со програмата финансирана преку Глобалниот фонд. Глобалниот фонд се повлече од финансирање на овие сервиси, бидејќи земјата е со ниска преваленца на заболени од ХИВ, и финансирањето го презеде Министерството за здравство. Годинава се договоривме набавката на кондоми и лубриканти да оди преку Министерството за здравство, бидејќи досега секоја организација сама набавуваше во помали количини и имаше различни цени, за што се предвидени 1,9 милиони денари“, вели Христијан Јанкуловски, извршен директор на здружението „ХОПС“.

    Според јавниот оглас од Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, што Министерството за здравство го објави пред два дена, може да се јават здруженија кои чие активно дејствување е насочено кон лицата со ХИВ, кои имаат стружен кадар и експерти, како и да имаат реализирано најмалку три проекти, од кој најмалку еден треба да биде повеќегодишен за пружање директна помош на овие лица.

    Според Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за 2019 година, 6 милиони денари предвидени се за сервисите кои работат со мажи што имаат секс со мажи и со овие средства треба да се покријат услуги за 5.000 лица. Со овие средства се финансира советувалиштето во Скопје, како и теренска работа во Скопје, Тетово, Охрид, Штип и Струмица.

    Со 21,6 милиони денари предвидени се за финансирање на сервисите кои работат со лица кои инјектираат дроги и со програмата треба да бидат опфатени 4.500 лица од оваа ранлива група. Тие и досега здравствените услуги ги добиваа во 16 сервиси во 14 града, односно три во Скопје и по еден во Тетово, Гостивар, Битола, Охрид, Струга, Велес, Кичево, Прилеп, Кавадарци, Штип, Струмица, Гевгелија и Куманово.

    Со 7,5 милиони денари ќе се покрива работата на 8 теренски и стационарни програми за работа со сексуални работници, а психосоцијална поддршка и позитивна превенција кај лица што живеат со ХИВ предвидени се 1,7 милиони денари.

    За теренско ХИВ тестирање на ранливите категории граѓани предвидени се 3,2 милиони денари и со нив треба да се опфатат 2.9000 лица, односно 1.300 од категоријата мажи што имаат секс со мажи, 750 лица што користат дроги и 850 сексуални работници. Бесплатно ХИВ тестирање и советување се обезбедува во сервисите воспоставени во Скопје и 13 други градови.

    За психосоцијална поддршка на лица што се лекуваат од дроги предвидени се 1,8 милиони денари, а за поддршка на сервисите што обезбедуваат дијагноза и третман на сексуално преносливи болести кај младите, преку младински центри и подвижната гинеколошка амбуланта предвидени се 4,7 милиони денари.

    Според податоците од Институтот за јавно здравје до крајот на ноември лани во земјава се регистрирани 41 новозаразени со ХИВ, а тројца пациенти починале од СИДА. Според епидемиолозите од ИЈЗ во земјава се намалува бројот на смртни случаи од СИДА, но расте бројот на новодијагностицирани со ХИВ.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира