ГРКОВСКА СЕ МЕША КАЈ ШТО НЕ Ѝ Е МЕСТО, РЕАГИРА ЈОВЕСКИ ОТКАКО ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА РЕЧЕ ДЕКА ТОЈ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ УСТАВЕН СУДИЈА

    ГРКОВСКА СЕ МЕША КАЈ ШТО НЕ Ѝ Е МЕСТО, РЕАГИРА ЈОВЕСКИ ОТКАКО ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА РЕЧЕ ДЕКА ТОЈ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ УСТАВЕН СУДИЈАГрковска изјави дека не гледа причина зошто Јовески би ја продолжил кариерата како уставен судија. - Славица Грковска; Љубомир Јовески (Фото: СДК.МК)

    Јавниот обвинител Љубомир Јовески вели дека личните оценки на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска за неговото работење се неосновани, паушални и неточни, откако таа во синоќешното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека тој не треба да биде уставен судија, бидејќи, според неа, не ги исполнил очекувањата на актуелната позиција.

    Понатаму, Јовески во реакцијата вели дека нејзините искажувања значат директно мешање во работата на Јавното обвинителство и ја загрозуваат неговата самостојност.

    „Освен тоа, во јавниот настап, не беше изнесен ниту еден релевантен аргумент за поткрепа на ваквите лични проценки. Упатно и полезно ќе биде доколку заменик претседателката, пред да изнесува лични оценки за работата, го посети Јавното обвинителство и се запознае со реалните состојби и со предизвиците во борбата со криминалот“, вели Јовески.

    Грковска синоќа изјави дека не гледа причина зошто тој би ја продолжил кариерата како уставен судија.

    „Не сметам дека треба да биде уставен судија. Затоа што, она што требаше да го направи како Републички јавен обвинител, не го постигна на таа позиција и не гледам причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија“, кажа Грковска.

    Кандидатурата на Јовески за уставен судија е заглавена во собраниската Комисија за избори и именувања.

    Тој смета дека „ќе биде подобро и поцелисходно доколку издвоените финансиски средства за функционирање на Кабинетот задолжен за политики за добро владеење се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо да се трошат за дебати и конференции со занемарлив ефект“, но додава дека „како носител на функцијата Јавен обвинител немам право јавно да ја промовирам оваа лична теза, бидејќи Владата сметала дека е потребно вакво тело“.

    За крај, тој во реакцијата апелира до сите политичари да се воздржуваат од лични оценки донесени без реални и аргументирани основи и без познавање на состојбите во Јавното обвинителство.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира