ГРЦИЈА ГО РАТИФИКУВАШЕ ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА

    ГРЦИЈА ГО РАТИФИКУВАШЕ ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПАПремиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас пристигнуваат во Преспа по потпишувањето на Договорот од Преспа на 17 јуни 2017 година. (Фото: М. Златевска)

    Грчкиот парламент со 153 гласа „за“ го ратификуваше Договорот од Преспа, со кој се ставa крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Грција и Македонија и кој, меѓу другото, предвидува новото име на државата да биде Република Северна Македонија. Со ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент се отвора вратата за наше членство во НАТО.

    Грчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за надворешни работи Јоргос Катругалос аплаудираат по ратификацијата на Договорот од Преспа во Парламентот (Фото: АП)

    По речиси 40 часа дебата и говори на 200 пратеници, политички лидери, известувачи и специјални говорници во грчкиот парламент, спикерот Никос Вуцис околу 14 часот премина на поединечно гласање за ратификација на Договорот од Преспа.

    „Северна Македонија се роди денеска. Ќе биде пријател и сојузник на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилност и заеднички развој во регионот. Идните генерации ќе им бидат благодарни на овие пратеници кои, покажувајќи храброст и смелост, ја поставија основата за мирна иднина, солидарност и соживот меѓу нашите народи. Денеска пишуваме ново поглавје во историјата на Балканот. Националистичката омраза, кавгите и судирите сега се заменети со пријателство, мир и соработка“, напиша  грчкиот премиер Алексис Ципрас на Твитер по ратификацијата.

    Од 300 пратеници, „за“ гласаа 145 пратеници од Сириза и уште 8-мина пратеници од пет други партии. „Против“ беа пратениците од Нова Демократија, Златна Зора, Комунистичката партија, АНЕЛ, КИНАЛ и неколку независни пратеници.

    Непосредно по гласањето, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос ја потпиша ратификацијата на Договорот од Преспа.

    „Штотуку го потпишав ратификуваниот закон на историскиот Договор од Преспа. Грција е протагонист во мирот и стабилноста на Балканот и Европа. Нова ера во нашите односи со нашите соседи”, напиша Катругалос на неговиот твитер профил.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира