ГРУБИ НАПРАВИ ПЛАН ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА 1.357 РАМКОВНИ ВРАБОТЕНИ, ЌЕ ОДАТ ВО 258 ЛОКАЛНИ И ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ

    ГРУБИ НАПРАВИ ПЛАН ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА 1.357 РАМКОВНИ ВРАБОТЕНИ, ЌЕ ОДАТ ВО 258 ЛОКАЛНИ И ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИMВР и Инспекцискиот совет ќе утврдуваат дали биле прекршени протоколите на вчерашната прослава на роденденот на Али Ахмети во новите простории на Министерството за политички систем. (Фото: Фејсбук)

    Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби го достави до Владата планот за распределба на 1.357 административни службеници две недели пред истекот на рокот, соопшти Министерството за политички систем и односи меѓу верските заедници. Станува збор за т.н. рамковни вработени, кои се водат на платен список на ова министерство, но не доаѓаа на работа. Годишно за ова министерство од буџетот на државата се трошеа по 9,5 милиони евра, сума која речиси целата одеше за плати на вработените.

    Според планот на првиот вицепремиер, тие ќе бидат распределени во вкупно 258 институции на локална самоуправа и други државни органи основани во согласност со Уставот и законот.

    „Согласно член 4 став (1) од законот за преземање на административни службеници вработени преку K5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вкупно 1.357 административни службеници ќе бидат распределени во вкупно 258 институции на локална самоуправа и други државни органи основани во согласност со Уставот и законот. Оваа категорија на вработени ќе биде систематизирана во институции кои вршат активности од областа на образованието, науката, здравството, културата, социјалната заштита и заштитата на децата, спортот, како и други дејствија од јавен интерес утврдени со закон и организирани како јавни агенции, фондови, институции и претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општини, од Град Скопје, но исто така и од општини на град Скопје и државни акционерски агенции“, се вели во соопштението.

    Министерството за политички систем вчера се всели во нова зграда, еден од барокните објекти од проектот „Скопје 2014“. По свеченото отворање, во новите простории на министерството беше одбележан 62. роденден на лидерот на ДУИ Али Ахмети, а на фотографијата што ја објавија самите присутни, меѓу кои и министрите од ДУИ, како и собранискиот спикер Талат Џафери, никој не носи маска, ниту се почитува дистанца.

    Денеска, Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи кажаа дека мерките за заштита од коронавирус се почитувале, единствено маските ги извадиле за момент да се фотографираат.

    Министерството за внатрешни работи за државната агенција МИА соопшти дека денеска добиле пријава за роденденот на Ахмети и постапуваат по насоки од јавен обвинител за расчистување на случајот, односно утврдуваат дали имало кршење на мерките за заштита на здравјето на граѓаните од ковид-19.

    Исто така денеска, претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска рече дека ќе проверат дали имало прекршување на протоколите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира