ГРУБИ ОБЈАВИ ДЕКА СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ЈАВНИОТ ЖИВОТ, ВЕЛИ ДЕКА Е ЧИСТ КАКО СОЛЗА ПО ОДЛУКАТА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ДА ГО СТАВИ НА ЦРНА ЛИСТА

    ГРУБИ ОБЈАВИ ДЕКА СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ЈАВНИОТ ЖИВОТ, ВЕЛИ ДЕКА Е ЧИСТ КАКО СОЛЗА ПО ОДЛУКАТА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ДА ГО СТАВИ НА ЦРНА ЛИСТААртан Груби на свеченото почнување на работите на коридорот 8. (архивска фотографија)

    Поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ Артан Груби вели дека се повлекува од јавниот живот откако Стејт Департментот го означи за вмешаност во голема корупција. Во објава на Фејсбук, тој вели дека е чист како солза пред Бога, семејството и пријателите, но се повлекува, како што вели, со намера да придонесе за вистината и да не биде ничив политички товар.

    „Иако одлуката нагласува дека таа не е за осуда, туку за поттикнување на подобрување на однесувањето, јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничив политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав Претседателот Ахмети уште од првиот ден. Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети“, напиша Груби.

    Тој додава дека цел живот бил бескомпромисно посветен на Албанците во земјата и се залагал за мир во регионот, целосна интеграција во НАТО, стратешко партнерство со САД и за членство во ЕУ.

    „Но, цената на оваа посветеност, цена која отсекогаш била во служба на вредностите и правдата, е тешка за мене и за моето семејство. Огромните напади низ годините, погрешните толкувања и нефер штрајкови ме натераа да размислувам за мојата улога во овој важен момент за земјата и за нејзината иднина“, вели Груби.

    На 9 декември, американскиот Стејт Департмент соопшти дека поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети јавно се означуваат за нивната вклученост во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.

    „Означувањетo на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може и нема да биде толерирано. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се впуштаат во значителна корупција бидејќи тоа ги поткопува демократските институции и ја разјадува довербата на јавноста. Никој не е над законот и одговорноста е неопходна за напредок“, напиша амбасадорката Анџела Агелер на социјалните мрежи за одлуката на Стејт Департментот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира