ГРУЕВСКИ Е НЕВРАБОТЕН И НЕМА НИШТО НА НЕГОВО ИМЕ, ПРОЧИТА СУДОТ ПРИ УТВРДУВАЊЕ НА ИДЕНТИТЕТ НА ОБВИНЕТИТЕ ВО „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО”

    ГРУЕВСКИ Е НЕВРАБОТЕН И НЕМА НИШТО НА НЕГОВО ИМЕ, ПРОЧИТА СУДОТ ПРИ УТВРДУВАЊЕ НА ИДЕНТИТЕТ НА ОБВИНЕТИТЕ ВО „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО”Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е управител на фирма. (Фото: К. Попов)

    На почетокот на судењето за случајот „Плацеви на Водно“, при утврдувањето на идентитетот на обвинетите, беше прочитано дека поранешниот премиер Никола Груевски е безимотен и невработен, нема возило, има заштеда само од плата.

    Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е управител на фирма. Кумот на Груевски, Ристо Новачевски, е сопственик и управител на фирма “Метромедикал”. Ненад Јосифовиќ е вработен во „Орка холдинг” како советник.

    Орце Камчев е претседател на одбор на директори на „Аџибадем Систина“. Тој дојде со шестмина адвокати.

    Судијата го праша како е.

    „Ви одобрив преглед на Кардиологија, па бидејќи многу ве посетуваа адвокатите, се засекирав да не ви ја загрозија здравствената состојба дополнително”, рече Трпков.

    „Добар сум, ви благодарам што ми дозволивте посета од адвокатите. Друга посета немаше”, рече Камчев.

    Мајка му Ратка Куновска-Камчева при утврдување на идентитетот на обвинетите кажа дека е пензионерка.

    Таа си има посебна адвокатка.

    Во преполната сала во Основниот кривичен суд Скопје го почна обвинителката Лиле Стефанова својот воведен збор за обвинението. Претходно, таа за Груевски предложи да му се суди во отсуство, зашто веќе бил сослушан во предистражна постапка и дал одбрана. Судијата Трпков прифати.

    Груевски го застапува адвокатот по службена должност Мехмет Сефери.

    Судскиот процес се води за плацевите што ги купил Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.

    Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.

    Груевски го следи судењето на братучедот Мијалков, на кумот Новачевски и на Камчеви, од Будимпешта. Тој е избеган од ноември 2018 година.

    Тој избега од Македонија по пресудата од две години затвор за набавката на „мерцедесот“ со пари на МВР, но и по серија обвиненија и истраги со докази за тежок финансиски криминал, корупција и организиран криминал.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира