ГРУЕВСКИ ЌЕ СЕ СМЕТА ЗА НЕОПРАВДАНО ОТСУТЕН ВО СОБРАНИЕТО, БЕШЕ ОДЛУЧЕНО НА КООРДИНАЦИЈАТА КАЈ ЏАФЕРИ

    ГРУЕВСКИ ЌЕ СЕ СМЕТА ЗА НЕОПРАВДАНО ОТСУТЕН ВО СОБРАНИЕТО, БЕШЕ ОДЛУЧЕНО НА КООРДИНАЦИЈАТА КАЈ ЏАФЕРИОсудениот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обидува да му ја одземе картичката за гласање на претседателот на Собранието Талат Џафери на седницата кога на дневен ред беше Законот за употреба на јазиците во март годинава (Фото: СДК.МК)

    На координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери донесен е заклучок дека пратеникот Никола Груевски од денешниот ден се смета за неоправдано отсутен, имајќи ги предвид информациите од надлежните органи дека тој се наоѓа во бегство, соопшти Собранието.

    Како неоправдано отсутен на најмалку трипати едноподруго на седниците на Собранието, на Груевски ќе му се одзема 5% од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на избори и именувања, според член 30 од Деловникот.

    За да му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски потребно е да гласаат 80 пратеници, нешто што не се случи на гласањето на 7 ноември по предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да му биде одземен мандатот бидејќи не е недостоен за вршење на пратеничката функција по правосилната пресуда од две години затвор за случајот „Тенк“.

    И неоправдано отсуство од повеќе од шест месеци е услов за одземање мандатот, но и во тој случај повторно е потребно двотретинско мнозинство.

    Груевски е во бегство во Будимпешта, Унгарија, каде што тој вели дека побарал политички азил.

    „На денешната координација, иако уредно известен, вообичаено, не присуствуваше координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но е информиран за заклучоците од координацијата“, велат од Собранието.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира