ГРУЕВСКИ ОД ТЕЛЕФОН ЦЕЛО ВРЕМЕ ЧИТА ЕДНИ ИСТИ ПРИГОВОРИ, МУ СЕ ПОЖАЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ОД СЈО НА СУДИЈАТА НА „ТРАЕКТОРИЈА“

    ГРУЕВСКИ ОД ТЕЛЕФОН ЦЕЛО ВРЕМЕ ЧИТА ЕДНИ ИСТИ ПРИГОВОРИ, МУ СЕ ПОЖАЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ОД СЈО НА СУДИЈАТА НА „ТРАЕКТОРИЈА“Судењето за „Траекторија“ е прекинато и одложено за први март. - Груевски утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1 (Фото: М. Златевска)

    Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова на денешното судење за предметот „Траекторија“ му кажа на судијата Горан Бошевски дека обвинетиот Никола Груевски од мобилниот телефон му чита од збор до збор исти, веќе поднесени приговори, само за и натаму да не почне главната расправа.

    Стефанова му се обрати на судот дека приговара на начинот на водење на постапката.

    „Се добива впечаток дека истите приговори одбраната може да ги поднесува уште 6 месеци“, рече Стефанова.

    Ова уследи откако за повеќепати одбиените жалби, одлуки на Апелациониот суд Скопје и пред почетокот на главниот судски претрес, Груевски пак стана пред судијата Горан Бошевски и од мобилниот прочита ист, веќе поднесен приговор.

    „СМС пораките се недозволен доказ и треба да бидат ковертирани и воопшто да не се користат во постапката“, побара експремиерот Груевски, обвинет во случајот на СЈО „Траекторија“ за незаконска изградба на кинеските автопати и провизии, со што државата, според СЈО, е оштетена за околу 150 милиони евра.

    „Самата технологија на пишување пораки во електронска форма, откако еднаш се сочувани како збир од обични букви, овозможува нивно бришење и додавање букви, нов текст. Може на обичен компјутер со ексел програма, на која можете слободно да ги менувате и да не оставите траг дека тоа сте го направиле“, рече Груевски.

    И натаму со серија вакви приговори, одбраната на обвинетите Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски успева да го одлага почетокот на овој голем судски процес со обвинение за корупција од поранешните највисоки структури во власта. Судењето е прекинато и одложено за први март.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари