ГРУЕВСКИ ПОБАРА ИТНО ПУШТАЊЕ НА УАПСЕНИТЕ ЗА ТЕРОРИЗАМ И ЗАМИНА НА ПРОТЕСТ ПРЕД СУДОТ

    ГРУЕВСКИ ПОБАРА ИТНО ПУШТАЊЕ НА УАПСЕНИТЕ ЗА ТЕРОРИЗАМ И ЗАМИНА НА ПРОТЕСТ ПРЕД СУДОТЕкспремиерот Никола Груевски на денешната прес-конфереција во Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: принтскрин/Јутјуб)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред малку побара итно и безусловно пуштање на слобода на, како што кажа тој, сите опфатени во политичкиот прогон на СДСМ. На прес-конференцијата во партиското седиште, поранешниот премиер обвини дека Македонија е заробена држава во која што за тероризам се обвинуваат оперски пејач, актер, режисер, доктор и архитект. По прес-конференцијата, тој замина на протест пред Основниот суд Скопје 1, каде што на се на распит уапсените во денешната акција на МВР по наредба на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

    „Ова е заробена држава. Замислете, истиот ден кога се разговара во влада за законот за амместија за пуштање од затвор на илјадници криминалци, за тероризам се обвинуваат оперски пејач, татко на три деца, актер, татко на три деца, режисер, татко на две деца, доктор, архитект…  Нема ниту закон, како на див запад. Барам безусловно запирање на сите овие процеси на политички прогон, итно и безусловно стопирање на малтретирањата и теророт што го прави СДСМ, итно пуштање на слобода на сите лица опфатени од овој политички прогон. Треба да знаат дека тркалото се врти и колку и да се чувствуваат безбедно и сигурно, одговорност ќе има“, изјави Груевски.

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утринава соопшти дека е отворена истрага против 36 лица за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години.  Oбвинителството побара од Кривичниот суд изрекување мерка притвор за сите 36 лица против кои покрена истражна постапка.

    Утринава потврда од МВР имаше за апсењето на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Тој се наоѓа во Основниот суд Скопје 1, каде што дава исказ пред судија на претходна постапка. Во Судот се уште повеќемина други приведени утринава во голема акција на полицијата. Меѓу нив се и пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Стефановска, актерот Владо Јовановски, оперскиот пејач Игор Дурловски, Горан Ангелов од таканареченото Македонско патриотско здружение „Андон Јанев – Ќосето“ од Велес и дел од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира