Поранешниот премиер Никола Груевски на 15 јули годинава регистрирал компанија во Унгарија, објави тамошниот портал 24.ху. Компанија се вика ИЦИЦ и седиштето ѝ е во Пецел, предградие на Будимпешта. Груевски е сопственик и директор на компанијата, според документите кои ги објави 24.ху.
Како главни дејности на фирмата се наведени бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, но и продажба на големо на порцелан, стаклени садови, средства за чистење, организација на конференции, итн.
Иако Груевски од 2018 година живее во Унгарија, откако доби азил таму во ноември истата година, тој дал домашна адреса во Скопје при регистрирањето на фирмата.
Освен новоотворената фирма, Груевски, како што кажа унгарскиот министер за надворешни работи Питер Сијарто, е ангажиран и како советник на унгарскиот премиер Виктор Орбан за Западен Балкан.
На 16 јули, на почетокот на судењето за случајот „Плацеви на Водно“ во Основниот кривичен суд Скопје, при утврдувањето на идентитетот на обвинетите, беше прочитано дека Груевски е безимотен и невработен, нема возило, има заштеда само од плата.
Груевски избега од Македонија на 11 ноември 2018 година, кога требаше да му биде врачен упатен акт за одлежување на затворската казна од две години во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот „мерцедес“ со пари на МВР.