ГРУЕВСКИ ТРЕБА ДА ЈА ОТСЛУЖИ КАЗНАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ НА САД

    ГРУЕВСКИ ТРЕБА ДА ЈА ОТСЛУЖИ КАЗНАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ НА САД„Дополнително, Груевски е обвинет во уште четири кривични случаи. Сметаме дека е соодветно судските постапки во Македонија да продолжат, а Никола Груевски да одговара пред македонскиот правосуден систем“, рече портпаролот на Стејт департментот за ПОЛИТИКО.ЕУ

    САД сметаат дека осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски, кој бара политички азил во Унгарија, треба да ја отслужи затворската казна во својата земја, изјавил портпаролот на Стејт департментот за ПОЛИТИКО.ЕУ.

    „По темелен и транспарентен правен процес, Никола Груевски беше обвинет од македонскиот суд за злоупотреба на службената должност и осуден на две години затвор. Пресудата беше потврдена и од повеќе други судски инстанци. Дополнително, Груевски е обвинет во уште четири кривични случаи. Сметаме дека е соодветно судските постапки во Македонија да продолжат, а Никола Груевски да одговара пред македонскиот правосуден систем“, рече портпаролот на Стејт департментот за ПОЛИТИКО.ЕУ.

    Груевски е осуден на 2 години затвор за случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, а во затворот Шутка требаше да се јави на 9 ноември откако му беше одбиена жалбата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски завчера рече дека Груевски ја напуштил Македонија преку илегален премин, но нема официјални податоци за тоа каде точно се упатил и од каде и на кој начин влегол во Унгарија. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го истражува бегството и сомнева дека службени лица му помогнале на Груевски да избега од Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира