ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ ПОБАРАЛЕ ДА НЕ БИДАТ ЕКСТРАДИРАНИ ОТИ ВО МАКЕДОНИЈА НЕМАЛО ФЕР СУДЕЊЕ

    ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ ПОБАРАЛЕ ДА НЕ БИДАТ ЕКСТРАДИРАНИ ОТИ ВО МАКЕДОНИЈА НЕМАЛО ФЕР СУДЕЊЕВо Македонија, Грујевски на 8 ноември беше осуден во отсуство на една и пол година затвор во случајот „Тврдина 2“. - Потерниците по Горан Грујевски и Никола Бошкоски објавени на сајтот на МВР

    Адвокат кој ги застапува Горан Грујевски и Никола Бошкоски во Македонија вчера сведочел во солунскиот Апелациски суд на расправата по барањето на македонските власти за нивна екстрадиција. Според извештајот на грчкиот сервис на „Си-Ен-Ен“, тој кажал дека обвинетите не ги направиле делата за кои што се товарат во Македонија и рекол дека ако бидат екстрадирани, нема да добијат фер судење во својата земја. Солунскиот Апелациски суд ќе заседава повторно за нивниот случај следната среда, кога ќе биде испитуван друг сведок.

    Поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои што се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на СЈО „Тврдина“ и „Таргет“, сега споени во еден предмет. Во бегство беа од 26 јули, кога требаше да бидат спроведени во притвор, но полицијата не ги најде дома. Беа уапсени на солунскиот аеродром на 18 октомври со лажни бугарски пасоши, кривично дело за кое што против нив во Грција се води посебен процес. Во меѓувреме, двајцата поднесоа барање за политички азил.

    Во Македонија, Грујевски на 8 ноември беше осуден во отсуство на една и пол година затвор во случајот „Тврдина 2“ за незаконско палење докази поврзани со нелегалното прислушување. Бошкоски требаше да биде сведок во тој случај.

    Во „Тврдина/Таргет“, Грујевски е обвинет за кривичните дела Злосторничко здружување, Злоупотреба на службената положба и овластување и Фалсификување службена исправа, додека Бошкоски е обвинет за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Фалсификување службена исправа.  Обвинети во истиот случај, меѓу другите, ексначалникот на УБК Сашо Мијалков, неговиот поранешен шеф на кабинет Тони Јакимовски и ексминистерката Гордана Јанкулоска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира