Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои вчера беа уапсени при пасошка контрола на Солунскиот аеродром, во текот на денот ќе бидат изведени пред обвинител во Солун и ќе биде одредено во кој затвор ќе бидат притворени сé до комплетирање на предметот на екстрадиција, велат од Министерството за правда.
Македонскиот конзулат во Солун денеска бил известен дека двајцата бегалци биле уапсени поради кршење на член 8381 на грчкиот законик, односно при пасошка контрола биле евидентирани со фалсификат бугарски пасоши и притоа е утврдено дека за нив е распишана медународна потерница од Интерпол по барање на МВР, додаваат од министерството.
„При пасошка контрола биле евидентирани со фалсификат бугарски пасоши и притоа е утврдено дека за нив е распишана медународна потерница од Интерпол по барање на МВР на Република Македонија. Во информацијата е наведено дека Грујевски и Бошкоски во текот на денот ќе бидат изведени пред обвинителот на Солун и ќе биде одредено во кој затвор ќе бидат притворени сé до комплетирање на предметот на екстрадиција”, се вели во соопштението на Министерството за правда.
Ексначалникот на Петтата управа во МВР Грујевски и вработениот во УБК Бошкоски се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет.
Во бегство беа од 26 јули, кога требаше да бидат спроведени во притвор, но полицијата не ги најде дома.